ЏЕНИ МЕКАРТИ ЈА ОПИША НЕПРИЈАТНАТА ВЕЧЕР СО ТОМ КРУЗ Тврди дека сакал да ја привлече кон скиентологијата
Побарала да ја земе малата Сури, а гостите замолкнале. Водителката раскажа што ја исплашило пред свадбата на холивудската двојка.
Американската актерка и телевизиска водителка Џени Мекарти раскажа за непријатна вечера пред свадбата на актерот Том Круз и актерката Кејти Холмс. Таа тврди дека Круз се обидел да ја привлече кон скиентологијата, пренесе магазинот „Пипл“.
Мекарти ги сподели сеќавањата во својата емисија на 15 октомври. Разговарала со Ен Голерт Хил, поранешна членка на Скиентолошката црква.
Вечерата се одржала пред венчавката во 2006 година. Мекарти тогаш била во врска со актерот Џим Кери. Седеле спроти младоженците кога дадилката ја донела нивната ќерка Сури.
Водителката побарала да го земе бебето. Според неа, присутните престанале да разговараат и се загледале во неа. Разговорите продолжиле дури откако ѝ го вратила детето на Холмс.
– Никогаш во животот не сум била толку исплашена – рече Мекарти.
Круз ја запознал и со својот кум, водачот на Скиентолошката црква Дејвид Мискевиџ. Таа се пошегувала со него, но тврди дека шегата не му се допаднала.
Подоцна двете двојки продолжиле да се дружат. Мекарти раскажа дека ја тргала Холмс настрана и ја прашувала дали ѝ треба помош. Според нејзиниот впечаток, актерката се променила во текот на бракот.
Холмс поднесе барање за развод од Круз во 2012 година.