„МАЈКА МИ БЕШЕ ЦЕЛИОТ МОЈ СВЕТ“ Џоди Фостер открива како жената што ја создала нејзината кариера управувала со нејзиниот живот
Една од најсмелите одлуки на Евелин "Бренди" Фостер била да ѝ дозволи на малолетната Џоди да ја одигра улогата на млада проститутка во култниот филм „Таксист“ на Мартин Скорсезе од 1976 година.
Холивудската ѕвезда Џоди Фостер, добитничка на два Оскара, признава дека дури во зрелите години успеала целосно да ги разбере амбициите на својата мајка, која повеќе од две децении била и нејзин менаџер. Во ексклузивното интервју за американското списание „Пипл“, објавено во саботата, 64-годишната актерка зборува за силната, но понекогаш и сложена врска со жената која сакала нејзината ќерка да постигне сè што самата не успеала да постигне во животот.
– Мајка ми беше целиот мој свет – вели Фостер, присетувајќи се на годините во кои мајка ѝ ја придружувала насекаде.
Повод за нејзините исповеди е новиот анимиран филм на „Дизни“, „Hexed“, во кој актерката го позајмува својот глас. Една од централните теми на филмот е сложениот однос меѓу мајките и ќерките, тема која со децении ја фасцинира Фостер
Мајката ги избирала филмовите во кои ќе глуми
Евелин „Бренди“ Фостер била самохрана мајка на четири деца. Во Калифорнија пристигнала како пејачка во музички оркестар, а извесно време работела и во секторот за односи со јавноста во Холивуд. Џоди имала само три години кога се појавила во својата прва телевизиска реклама. Нејзината мајка набргу ја презела целосната грижа за нејзината актерска кариера.
Една од најсмелите одлуки на Евелин била да ѝ дозволи на малолетната Џоди да ја одигра улогата на млада проститутка во култниот филм „Таксист“ на Мартин Скорсезе од 1976 година. Улогата ѝ ја донела првата номинација за Оскар.
Мајка ѝ останала нејзин менаџер сè до 1992 година, кога Фостер го освоила вториот Оскар за најдобра главна женска улога, за филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“. Првиот го добила во 1989 година за филмот „Обвинетите“.
Но, успехот имал и своја цена. Во интервју објавено во јуни годинава, актерката откри дека во младоста практично немала право самостојно да ги избира филмовите во кои ќе глуми. Мајка ѝ била склона кон контролирање на нејзиниот живот, поради што во одредени периоди Џоди настојувала да одржува дистанца. Во јануари, во подкастот на Конан О’Брајан, актерката призна дека во своите триесетти години била прилично лута на мајка си, но подоцна почнала да ја разбира и нејзината страна на приказната.
Сакала ќерка ѝ да го живее животот што таа не го живеела
– Сакаше да бидам почитувана. Не сакаше да бидам третирана како објект – објасни Фостер во подкастот на О’Брајан.
Според актерката, нејзината мајка, која израснала во епоха во која жените имале многу помалку професионални можности, сакала Џоди да има долга кариера и да толкува главни ликови, наместо да добива споредни улоги на сопруги, мајки или сестри на главните јунаци.
Една од големите амбиции на Евелин била нејзината ќерка да снима филмови во Франција. Затоа уште како дете ја запишала во француско училиште во Лос Анџелес. Децении подоцна, Џоди Фостер ја одигра својата прва главна улога во француски филм на француски јазик, во „Приватен живот“ на режисерката Ребека Злотовски. Актерката вели дека спомените за мајка си биле важна инспирација за таа улога.
Евелин Фостер почина во мај 2019 година, на 90-годишна возраст, од компликации предизвикани од деменција. Во последните години од животот на мајка си, Џоди добила можност да ѝ возврати за грижата. Сепак, во воспитувањето на своите два сина актерката избрала поинаков пристап. Едниот од нив се занимава со актерство, но Фостер намерно избегнува да се меша во неговите професионални одлуки. Сака нејзините деца да знаат дека успехот што ќе го постигнат е нивна заслуга.