ТАЈНА СРЕДБА НА КРАЛОТ ЧАРЛС И ПРИНЦОТ ХАРИ Меган, Арчи и Лилибет не присуствуваа на средбата во Балморал

Додека односите меѓу Хари и неговиот татко постепено се подобруваат, раздорoт меѓу Хари и неговиот постар брат, престолонаследникот Вилијам, сѐ уште трае.

1

Британскиот крал Чарлс Трети и неговиот помлад син, принцот Хари тајно се сретнале во кралскиот имот Балморал во Шкотска. Сопругата на Хари, Меган Маркл и нивните две деца, 7-годишниот принц Арчи и 5-годишната принцеза Лилибет, не присуствувале на средбата, објави денеска американскиот магазин „Пипл“, повикувајќи се на британскиот „Сан он сандеј“.

Средбата се одржала на 17 октомври, на покана на 78-годишниот монарх, а јавноста за неа дозна дури сега, по повеќе од еден месец. Во Балморал во тој момент не била ниту кралицата Камила, која присуствувала на коњските трки во Аскот. Така, таткото и синот имале ретка можност да разговараат насамо.






Ова била прва средба на кралот со Хари откако во август годинава војводата од Сасекс со семејството се врати во Велика Британија, по шест години живот во Калифорнија. Според британските медиуми, таткото и синот се виделе само четирипати од крунисувањето на Чарлс во мај 2023 година.

Засега не е познато за што разговарале кралот и принцот. Извор упатен во односите во кралското семејство тврди дека постои желба тие да останат во добри односи. И претставниците на Бакингемската палата и портпаролот на принцот Хари одбиле да ја коментираат информацијата за тајната средба.

Во јули годинава, непосредно пред преселбата во Британија, Хари и Меган со децата ги посетиле Чарлс и Камила во нивната резиденција Хајгроув. Тоа била прва средба на кралот со неговите две внучиња по повеќе од четири години. Но, додека односите меѓу Хари и неговиот татко постепено се подобруваат, раздорoт меѓу Хари и неговиот постар брат, престолонаследникот Вилијам, сè уште трае.

И покрај тајната средба во Балморал, големо семејно помирување за Божиќ, по сè изгледа, нема да има. Според британскиот „Телеграф“, Хари и Меган веќе одлучиле божиќните празници да ги поминат во својот дом во Калифорнија, заедно со мајката на Меган, Дорија Рагланд. Последен пат двојката го прославила Божиќ со британското кралско семејство во 2018 година.

Поврзани содржини