📽️ МАШИНАТА СЕ ПРЕВРТЕ, ОПЕРАТОРОТ СКОКНАЛ ВО ПОСЛЕДЕН МИГ Драма на градилиште во Мајами
Четири лица завршија во болница откако тешка машина за побивање шипови се преврте на градилиште во Брикел. Автомобилот веднаш се запалил, а пожарникарите го сечеле металниот контејнер за да стигнат до двајца работници.
Жена во Мајами во последен миг избегнала тешка градежна машина која се уривала кон нејзиниот автомобил. Таа забележала што се случува, возела во рикверц и успеала да излезе од возилото пред машината да падне врз него.
Автомобилот веднаш се запалил. Машината потоа се урнала и врз метален контејнер во кој имало двајца градежни работници. Снимката брзо се прошири на социјалните мрежи.
Несреќата се случила нешто по 8 часот наутро на градилиште во населбата Брикел во Мајами. Командантот на противпожарната служба во Мајами, Роберт Хевиа, изјавил дека, со оглед на сцената што ги затекнала спасувачите, вистинска среќа е што никој не загинал.
– Глетката на местото на несреќата е неверојатна – изјавил Хевиа на прес-конференција.
4 people hospitalized after crane collapses in Brickell area of Miami, Florida. – police pic.twitter.com/U7bGSV7mRB
— AZ Intel (@AZ_Intel_) September 14, 2026
Спасувачките екипи истовремено воделе две операции. Едниот тим го сечел металниот контејнер за да ги извлече заробените работници, додека другите пожарникари го гаснеле запалениот автомобил.
Операторот на машината успеал да скокне од неа додека се превртувала. Тој и двајцата работници извлечени од контејнерот биле пренесени во блискиот траума-центар со полесни повреди.
Повредена била и жената која навреме се повлекла со автомобилот. Таа била згрижена во друга болница, исто така со полесни повреди.
Хевиа потврдил дека сите други работници на градилиштето се безбедни и дека нема други повредени.
Машината што се превртела служи за побивање шипови. Станува збор за тешка градежна опрема со основа слична на кран, која се користи за втиснување столбови длабоко во земјата при изградба на темели за големи објекти.
Причината за нејзиното уривање сè уште не е официјално соопштена. Истрагата продолжува, а идентитетот на четирите повредени лица не е објавен.