САД, УКРАИНА И ЕВРОПА НА ИСТА МАСА ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА Шест часа разговори во Мајами, но без јасен договор

Преговарачите разговарале шест часа во Мајами за безбедносните гаранции, енергетската отпорност и извозот на жито, додека Кремљ тврди дека Украина ја пропуштила можноста за обновување на трилатералните преговори.

0

САД соопштија дека одржале „конструктивни разговори“ со Украина на средба во Флорида, на која биле поканети и претставници на неколку европски земји.

Преговарачите од САД, Украина и Европа разговарале шест часа во Мајами со цел да постигнат согласност за заеднички предлог за прекин на војната во Украина, објавија американските медиуми.






Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, ги поздрави „конструктивните разговори“ во објава на платформата Икс (X), но не прецизираше дали тие ќе продолжат и денеска, како што првично беше планирано.

Според Виткоф, разговорите биле насочени кон краткорочни мерки поврзани со подготовките за зимата, вклучително и зајакнувањето на енергетската отпорност и извозот на жито, како и кон безбедносните гаранции. На дневен ред биле и долгорочни договори за безбедноста на Украина и Европа.

Средбата, сепак, делумно беше засенета од најавата на Трамп за договор за испорака на руски дизел на американскиот и на светскиот пазар.

На разговорите во Мајами присуствувал и Џаред Кушнер, зетот на Трамп, како и американски претставници од Советот за национална безбедност и Министерството за финансии.

Од европска страна, Вашингтон ги поканил советниците за национална безбедност на Франција, Германија и Велика Британија. Европската Унија ја претставувал шефот на кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го испратил својот шеф на кабинетот.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со Трамп изјавил дека Киев ја пропуштил можноста за итно обновување на трилатералните мировни преговори за Украина. Според Кремљ, причината биле нападите со беспилотни летала врз Москва за време на изборите минатиот месец.

„Со изведувањето масовен напад со беспилотни летала врз Москва, други градови и избирачки места, како и врз конкретни лица вклучени во организацијата на изборите, токму на денот на гласањето, Киев практично ја осуети можноста за итно обновување на преговарачкиот процес“, изјави Јуриј Ушаков, советник на Кремљ за надворешнополитички прашања.

„Како што рече претседателот Путин, сега треба да размислиме кога би можеле да бидат обновени овие преговори“, додаде Ушаков, мислејќи на трилатералните разговори во кои учествуваат САД, Русија и Украина.

Поврзани содржини