ЛАЖЕЛ ДЕКА ИМА ЛЕУКЕМИЈА И СОБРАЛ РЕЧИСИ 190.000 ЕВРА Дваесетгодишник од Косово заврши во притвор

Дваесетгодишник од Косово се сомничи дека користел фалсификувани медицински документи и лажно тврдел дека има акутна леукемија. Судот во Гњилане му одреди 30-дневен притвор.

0

Дваесетгодишен маж од Косово е осомничен дека измамил голем број граѓани во земјата и во дијаспората, претставувајќи се како пациент со акутна леукемија и собирајќи речиси 190.000 евра за наводно лекување. Според истрагата, тој користел фалсификувана медицинска документација за да ги убеди луѓето дека му е потребна итна медицинска помош во Турција.

Осомничениот, со иницијали Е.А., од 9 до 21 ноември организирал хуманитарна кампања преку интернет-платформата „GoFundMe“, повикувајќи ги граѓаните и косовската дијаспора да донираат пари за неговото лекување и рехабилитација.






За да ја поткрепи приказната за наводната болест, приложувал медицински документи за кои истражните органи се сомневаат дека биле фалсификувани, а кои наводно потекнувале од болница во Истанбул. Медицинските проверки, според обвинителството, покажале дека тој не боледува од акутна леукемија.

Во кампањата биле собрани вкупно 189.206,80 евра. Од нив, 162.522 евра биле донирани преку интернет-платформата, додека дополнителни 26.684,80 евра биле собрани преку хуманитарни активности организирани во Гњилане.

Осомничениот бил уапсен на 21 ноември, околу 22 часот, по што бил задржан со одлука на обвинителството. Основниот суд во Гњилане на 23 ноември му одредил 30-дневен притвор.

Во меѓувреме, надлежните институции ги блокирале идентификуваните банкарски сметки поврзани со случајот, а започната е и постапка за враќање на дел од парите донирани преку „GoFundMe“ во Германија.

Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности на случајот, вклучително и начинот на кој биле собрани и префрлени средствата.

Поврзани содржини