📽️ МАЃАР И ЗЕЛЕНСКИ СЕ СРЕТНАА ВО УЖГОРОД Унгарскиот премиер соопшти дека има напредок за правата на малцинството
Унгарскиот премиер на првата посета на Украина откако ја презеде функцијата соопшти дека за само неколку недели се постигнати значајни договори за јазичните, културните и образовните права на унгарското малцинство.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека во разговорите со украинската страна е постигнат значаен напредок за десет прашања поврзани со јазичните, културните и образовните права на унгарското национално малцинство во Украина. Тој ова го истакна при првата посета на Украина откако ја презеде премиерската функција, оценувајќи дека за релативно краток период, од само неколку недели, двете страни успеале да постигнат значајни договори.
– За релативно кратко време, буквално за неколку недели, успеавме да постигнеме значајни договори со украинската страна за десет прашања што се однесуваат на јазичните, културните и образовните права на унгарското национално малцинство – изјави Маѓар во Ужгород, каде што заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски им оддаде почит на загинатите украински војници.
Маѓар му се заблагодари на Зеленски за можноста заеднички да им оддадат почит на војниците загинати во одбраната на Украина од руската агресија. Притоа потсети дека на истите гробишта бил и во 2024 година, кога ја посетил Украина како опозициски политичар, по рускиот напад врз детската болница „Охматдит“ во Киев.
Маѓар нагласи дека напредокот е постигнат во низа прашања што со години беа предмет на несогласувања меѓу Будимпешта и Киев, особено во однос на употребата на унгарскиот јазик, образованието и културните права на унгарската заедница во украинската област Закарпатија.
We began @magyarpeterMP first visit to Ukraine in his capacity as Prime Minister of Hungary by honoring the memory of our fallen warriors in Uzhhorod. We appreciate this show of respect for those who gave their lives for Ukraine’s independence.
Our ability to live in a free country, and the security of our neighbors and all of Europe, come at an enormous cost – one that Ukraine pays every day. It is our duty to remember everyone who gave their life in this fight. Eternal honor to the fallen Ukrainian defenders.
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) November 24, 2026
Украинскиот претседател Зеленски ја оцени посетата како значајна за подобрување на односите меѓу двете соседни држави, но и за односите на Украина со Европската Унија.
– Ова е многу важна средба и во поглед на односите со соседната земја, но и во поглед на нашите односи со Европската Унија – рече Зеленски, обраќајќи им се на учесниците на седницата на Конгресот на локалните и регионалните власти.
Тој истакна дека Украина продолжува да ги презема сите неопходни чекори за отворање на преговарачките кластери во процесот на пристапување во ЕУ, нагласувајќи дека политиката на Киев во однос на европската интеграција останува непроменета.
– Често работиме повеќе од некои други земји кои веќе пристапија во ЕУ – рече украинскиот претседател.
Зеленски додаде дека Киев настојува да ги направи односите со соседните држави поблиски и поконструктивни, посочувајќи ги Унгарија, Полска, Романија и Молдавија.
По заедничкото оддавање почит на загинатите украински војници во Ужгород, Зеленски му се заблагодари на Маѓар што првата посета на Украина како премиер ја започнал со положување цвеќе и искажување почит кон украинските бранители.
– Сакам да му се заблагодарам на унгарскиот премиер што ја започнува посетата со искажување почит кон Украинците кои ја бранеа нашата држава. Мислам дека за сите детали ќе разговараме подоцна – изјави Зеленски.
Маѓар денес пристигна во украинската област Закарпатија во рамки на првата посета на Украина откако ја презеде премиерската функција. Во неговата програма е предвидена и средба со претставници на унгарското национално малцинство, како и посета на унгарски институции во регионот.