ЗОШТО МУ БИЛ ЗАБРАНЕТ ПРЕЛЕТ НАД БиХ НА СРПСКИОТ ПРЕМИЕР? По реакциите на Додик, се јави Конаковиќ
Лидерот на босанските Срби Милорад Додик ја нарече одлуката „политичко лудило“, но шефот на дипломатијата на БиХ тврди дека причината е процедурална – барањето за прелет требало да пристигне 72 часа однапред.
Српскиот премиер Ѓуро Мацут не добил дозвола со авион да прелета над Босна и Херцеговина на пат кон Бања Лука. Одлуката веднаш предизвика жестока реакција од Милорад Додик, а потоа се јави и министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
Неговото објаснување е многу поконкретно од политичката бура што ја предизвика забраната. Според Конаковиќ, барањето не било доставено во пропишаниот рок од 72 часа.
„Процедурите се познати и тие добро ги знаат. Тие добро знаат дека рокот за испраќање барање е 72 часа однапред, а тоа не го почитуваа“, напиша Конаковиќ на Икс.
Тој случајот го претстави и како прашање на односот на Србија кон институциите на БиХ.
„Кога ќе почнат да ја почитуваат државата и институциите, тогаш и ние ќе ги почитуваме“, порача Конаковиќ.
Лидерот на босанските Срби Додик претходно излезе со сосема поинакво толкување. Тој забраната ја нарече „политичко лудило и изливи на омраза“ и тврдеше дека за таква одлука нема уставна основа.
Додик оцени дека со одлуката се исклучува еден од конститутивните народи во БиХ. Тој порача и дека спорот нема да го спречи одбележувањето на Денот на српското единство, слободата и националното знаме.
Ниту забранетиот прелет, според најавата, нема да го спречи Мацут да стигне во Бања Лука.
– Ако не можам да одам со авион, ќе одам со автомобил – изјави српскиот премиер.
Мацут треба да се сретне со премиерот на Република Српска, Саво Миниќ, а на средбата се најавени и членови на двете влади. Предвидено е српскиот премиер да се обрати и на церемонијата во Бања Лука.
Денот на српското единство, слободата и националното знаме Србија и Република Српска го одбележуваат заеднички од 2020 година. Празникот се одбележува на 15 септември, во спомен на пробивот на Солунскиот фронт во 1918 година.