ТРАМП ЌЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ НЕГОВИ КОНСУЛТАНТИ БИЛЕ АНГАЖИРАНИ ОД ДОДИК Шефот на САД најави откази ако најде судир на интереси

Според написите на „Њујорк Тајмс“, надворешните советници на шефот на САД, Џејмс Блер и Крис Ла Сивита,  добиле стотици илјади долари за советодавни услуги во Република Српска.

0

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека веднаш ќе отпушти двајцата свои надворешни политички консултанти доколку утврди дека нивниот ангажман во Република Српска претставува судир на интереси.

Реакцијата следуваше по написот на „Њујорк тајмс“ дека Џејмс Блер и Крис ЛаСивита престојувале во Република Српска непосредно пред изборите.






Според весникот, тие обезбедувале советодавни услуги за властите во ентитетот и за Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик.

Истовремено, двајцата биле вклучени и во политичките активности на Трамп во САД пред ноемвриските избори за Конгресот.

„Крис Ла Сивита и Џејмс Блер се надворешни консултанти. Тие не работат за мене, освен како надворешни консултанти. Најверојатно имаат бројни клиенти, но за тоа би морале да ги прашате нив“, напиша Трамп на Трут Соушл.

Тој нагласи дека како надворешни консултанти имаат право да работат и за други клиенти.

Сепак, најави дека лично ќе провери за кого работат.

„Немам никаква претстава за кого уште работат, но, кога ќе размислам за тоа, ќе ги прашам и ако постои судир на интереси, веднаш ќе ги отпуштам!“, напиша Трамп.

„Њујорк тајмс“ наведува дека Блер и Ла Сивита биле платени преку адвокатска фирма од Вашингтон ангажирана од Владата на Република Српска.

Според весникот, секој од нив добил по неколку стотици илјади долари за советување за прашања поврзани со изборниот процес.

Блер не е ново име во политичкиот круг на американскиот претседател. Тој беше политички директор на претседателската кампања на Трамп во 2024 година.

Ла Сивита, пак, беше еден од клучните раководители на истата кампања.

Двајцата сега се вклучени и во активностите на движењето МАГА.

Поврзани содржини