МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ДЕЛ ОД ТРАНЗИТОТ НА КИПАРСКИОТ ГАС КОН ЕВРОПА Грција, Египет и Кипар го забрзуваат поврзувањето на наоѓалиштето Кронос со египетската инфраструктура

Во плановите за побрз проток на гасот до Европа покрај Египет од каде што гасот ќе се пренесува со бродови, Грција се гледа како еден од можните рути, преку двата крака на Вертикалниот коридор.

86

Египет, Грција и Кипар повторно го поддржаа планот за извоз на кипарски природен гас на европските пазари преку египетски извозни капацитети, со што Грција би можела да послужи како една од рутите за негов понатамошен транспорт до Југоисточна и Централна Европа.

Претседателите на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси и на Кипар, Никос Христодулидис, и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се сретнаа вчера во египетското одморалиште Ел Аламеин, каде што  во заедничка декларација повикаа на што е можно поскоро завршување на работите за поврзување на кипарските крајбрежни гасни полиња со египетската инфраструктура.






Кипарското гасно поле Кронос, чие производство е предвидено да започне во 2028 година, го развиваат италијанската Eni и француската TotalEnergies.

Грција може да биде една од рутите кипарскиот гас да стигне во Европа

Гасот ќе се транспортира преку морски цевковод до Египет, каде што ќе се преработува, претвора во течен природен гас (LNG) и ќе се извезува со бродови.

Грција би можела да биде една од рутите за пласирање на гас на европскиот пазар, преку своите терминали за течен природен гас „Ревитус“ и „Александрополис“, од каде што гасот би можел да се транспортира понатаму до Југоисточна и Централна Европа преку двата крака на  таканаречениот Вертикален коридор во чиј западен крак е вклучена и Македонија.

Оваа најава може да стане реалност бидејќи источниот крак на вертикалниот коридор треба да биде готов до крајот на годинава, а западниот крак кој минува низ Македонија и Србија според планот треба да заврши со исградба и да стане функционален во 2028 година.

Македонија во овој период крајот на следната година или почетокот на 2028 година е периодот кога сè треба да биде готово на релацијата Грција – Македонија – Србија. Оваа гасна врска со должина од 123 километри (68 километри на македонска територија) се очекува да биде ставена во функција во текот на 2027 година. Веднаш по Грција, фокусот се префрла на изградба на 23-километарскиот интерконектор кон Србија, со што ќе се комплетира овој транзитен правец.

Македонија станува транзитна земја со значајни придобивки

Ако кипарскиот природен гас (како оној од наоѓалиштето „Кронос“ каде што производството треба да започне во 2028 година) се транспортира до Грција и продолжи кон Европа, Македонија добива огромни економски, стратешки и геополитички придобивки како транзитна држава и ќе добие пристап до диверзифицирани извори на гас и течен природен гас (LNG) преку грчките терминали Ревитуса и Александрополис, со што се прекинува долгогодишната зависност од само еден извор.

Дополнително земјата ќе обезбедува и приходи од транзитната такса.

Гасоводот Грција-Бугарија-Романија не му конкурира на македонскиот правец

Се поставува прашањето дали гасоводот преку Бугарија и Романија не му е конкуренција на македонскиот правец, но експертите појаснуваат дека двата гасоводни правци се дел од таканаречениот Вертикален коридор и не си конкурираат еден на друг, туку ќе се надополнуваат. Кога едниот поради различни причини ќе мора да биде запрен, гасот кон Европа ќе оди преку другиот гасовод.

Источниот крак на Вертикалниот коридор – Грција-Бугарија-Романија е речиси целосно изграден и се очекува да биде ставен во функција до крајот на годинава. Тој има поголем капацитетот од западниот крај кој оди низ Македонија. Почетниот капацитет е 3-5 милијарди кубни метри годишно, а треба да достигне 10 милијарди кубни метри гас. Со овој крак ќе се снабдуваат Бугарија, Романија, Молдавија, Унгарија и Украина кои имаат развиена мрежа на гасоводи и голема потрошувачка на гас.

Преку западниот дел на коридорот ќе се пренесуваат до 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, а ќе ги снабдува Македонија, Србија, Унгарија и Австрија. Србија планира и гасно поврзување со Романија што овозможува кружен проток на гасот.

Дополнително целта на Европа е да повлече што е можно повеќе неруски гас на север, па затоа една цевка преку Бугарија не е доволна.

Поврзани содржини