ГРАДИНКА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, СРЕДНО УЧИЛИШТЕ ВО ТЕТОВО, ГАСОВОД ВО КУМАНОВО Владата го поттикнува развојот низ целата држава
Вкупно 18 милијарди и 449 милиони денари од унгарскиот кредит Владата им стави на располагање на општините преку двата јавни повика, наменети за реализација на инфраструктурни и капитални проекти, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во континуитет инвестира во капитални проекти кои се реализираат преку општините со цел поволностите од нив да ги почувствуваат сите граѓани во сите делови на државата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
По позитивните резултатите што веќе ги дава првиот јавен повик за поддршка на општините, Владата објави втор, преку кои се создаваат услови за уште посилен инвестициски циклус и подобрување на условите и квалитетот на живот на граѓаните, додава партијата.
„Вкупно 18 милијарди и 449 милиони денари од унгарскиот кредит Владата им стави на располагање на општините преку двата јавни повика, наменети за реализација на инфраструктурни и капитални проекти. Ова не е само краткорочна политика, туку веќе станува модел во кој државата, преку децентрализација на средствата од централниот буџет, обезбедува финансиска поддршка, додека општините ги подготвуваат и предлагаат проектите согласно реалните потреби на граѓаните, со јасна цел, подобра инфраструктура, подобри јавни услуги и поквалитетни услови за живот“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквите политики, се додава во соопштението, се од особено значење за помалите општини, кои имаат ограничени финансии, а сериозни инфраструктурни проблеми и потреби.
„Со цел да се создадат подобри услови за најмладите во општина Гази Баба, Владата додели финансиски средства за детска градинка во Инџиково и за спортска сала во основното училиште во Црешево. Со помошта на Владата во Центар се реконструира спортската сала „Работнички“, во Бутел се уредува и заштитува речното корито на Серава, во Чаир се гради водоводна и атмосферска мрежа, а во Гевгелија се реконструира Старата чаршија. Понатаму, во општина Аеродром, се уредува јавната површина зад ТЦ „Капитол“, во Охрид се гради катна гаража за да се реши деценискиот проблем со недостиг на паркинг места, во Ресен се реконструираат улици и се градат пешачки патеки, додека Кавадарци изгради нов модерен базен“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓорче Петров со владините средства ќе гради нова детска градинка, Тетово ќе гради водоводна мрежа и ново средно училиште, додека Демир Капија ќе реконструира фудбалско игралиште и ќе гради нов тениски терен, најави партијата.
„Виница доби средства за партерно уредување на просторот кај градскиот пазар, Конче за изградба на фотонапонска централа на покривот на општинската зграда, а Куманово за изградба на краци од секундарната гасоводна мрежа на неколку улици“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквите инвестиции во сите делови од државата имаат најдиректен ефект врз секојдневниот живот на граѓаните, затоа што тие секојдневно ги користат улиците, училиштата, детските градинки, јавните установи и комуналната инфраструктура, се додава во соопштението.
„Политиката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е развојот да не остане концентриран само во најголемите градови, туку секоја општина мора да има можност да напредува, да инвестира и да ги решава проблемите што со години останале нерешени. Суштината на поддршката за локалната самоуправа е повеќе инвестиции, подобра инфраструктура и поквалитетен живот за граѓаните во секој дел од државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.