ГРЦИЈА И ИЗРАЕЛ ПОТПИШАА ИСТОРИСКИ ДОГОВОР ЗА ИЗГРАДБА НА ЖЕЛЕЗНА КУПОЛА „Ахиловиот штит“ ќе одбива дронови, ракети и непријателски авиони
Договорот вреден 3 милијарди евра е потпишан во седиштето на Министерството за одбрана на Израел во Тел Авив. Ова претставува првпат во историјата Израел да испорача комплетен и заокружен одбранбен систем од ваков размер на друга држава. Грција стана прва членка на ЕУ што усвојува ваков напреден систем.
Грција и Израел денеска официјално го потпишаа најголемиот одбранбен договор во нивната билатерална историја, вреден 3,1 милијарди евра. Со овој договор, Атина ќе ја добие својата прва интегрирана и повеќеслојна противвоздушна и противракетна мрежа, колоквијално наречена грчка „Железна купола“, која официјално го носи името „Штитот на Ахил“ (Achilles Shield).
Договорот беше потпишан во седиштето на Министерството за одбрана на Израел во Тел Авив од страна на генералниот директор на израелското министерство, Амир Барам, и неговиот грчки колега Јоанис Бурас. Ова претставува првпат во историјата Израел да испорача комплетен и заокружен одбранбен систем од ваков размер на друга држава.
Грчкиот министер за национална одбрана, Никос Дендиас, истакна дека со овој чекор земјата станува првата членка на Европската Унија што усвојува ваков напреден систем. Според него, модерните конфликти и новите воени технологии ги направиле досегашните одбранбени доктрини застарени.
– Брзата промена на нашиот одбранбен систем е суштински услов за националниот опстанок – изјави Дендиас, посочувајќи дека проектот е централен дел од воената реформа „Агенда 2030“.
Што ќе опфати новиот одбранбен штит?
Новиот одбранбен штит е дизајниран да обезбеди сеопфатна заштита од широк спектар на закани, вклучувајќи беспилотни летала (дронови), крстосувачки и балистички ракети, како и непријателски авиони.
Според воените извори, системот ќе се базира на неколку клучни израелски технологии:
David’s Sling (Ракетна прачка на Давид) – наменет за пресретнување на тешки ракети и балистички проектили со долг дострел.
Barak MX – развиен од Israel Aerospace Industries (IAI), систем наменет за одбрана од авиони и ракети со среден дострел.
SPYDER – мобилни системи од компанијата Rafael, специјализирани за неутрализирање на летала на кратки дострели.
Drone Dome – дополнителен придружен договор вреден 26 милиони евра е потпишан специјално за овие системи кои ќе ги штитат стратешките позиции и грчките острови од напади со дронови.
Целиот систем ќе биде интегриран со вештачка интелигенција за команда и контрола, која автоматски ќе ги класифицира заканите и ќе го предлага најефикасниот и економски најисплатливиот одговор без човечка интервенција. Првичната фаза на распоредување ќе ги опфати Тракија и островите во источниот дел на Егејското Море.
Покрај купувањето на софистицираната опрема, договорот предвидува и сериозен трансфер на знаење и технологија за локалната економија. Околу 19 грчки компании ќе учествуваат како подизведувачи, што ќе донесе инвестиција од над 700 милиони евра во домашната одбранбена индустрија на Грција.
Драстично ќе се промени воената рамнотежа во Источниот Медитеран
Аналитичарите проценуваат дека овој стратешки потег драстично ќе ја промени воената рамнотежа во Источниот Медитеран. Иако односите меѓу Атина и нејзиниот историски ривал Анкара бележат привремено затоплување, Грција не ги намалува инвестициите во својата безбедност, со цел да одговори на сè поголемите геополитички предизвици и регионални воени закани.
Комплетното спроведување и ставањето во целосна оперативна функција на „Штитот на Ахил“ се очекува да заврши во рок од 35 месеци.
– Вкупниот буџет на програмата изнесува три милијарди и 35 милиони евра (3.035.000.000 евра). Во рамките на реализацијата е предвидено широко учество на грчкиот одбранбен и технолошки сектор, при што 19 грчки компании веќе учествуваат во соодветните процедури. Нивното учество надминува 25 отсто и изнесува 750 милиони евра. Паралелно предвидено е создавање производствена база во Грција со можности за извоз – соопштија од Министерството за национална одбрана на Грција.
Турција ќе возврати со Челична купола
Потпишувањето на одбранбениот договор меѓу Атина и Тел Авив предизвика остри реакции и сериозна загриженост во Анкара. Турција го гледа овој чекор како директен предизвик за нејзините стратешки интереси во Егејското Море и Источниот Медитеран.
Зад затворени врати, воениот и политичкиот врв на Турција веќе подолго време се подготвува за ова сценарио. Според официјално писмо од турскиот министер за одбрана, Јашар Ѓулер, испратено до парламентот, Турција во соработка со сите државни институции веќе спроведува подготовки за можни сценарија на „криза, тензии и војна“ во регионот, експлицитно поврзувајќи ги овие мерки со сè поголемата воена соработка меѓу Грција и Израел.
Турските медиуми и воени експерти упатија жестоки критики кон Атина. Грција е обвинета дека директно се вовлекува во регионалната стратегија на Израел и дека дозволува да биде искористена во поширокиот израелско-турски конфликт.
Се нагласува дека воведувањето на израелските системи David’s Sling и SPYDER на егејските острови има за цел да ја неутрализира надмоќта на турските воздухопловни сили и нејзиниот софистициран арсенал од домашни беспилотни летала.
Како одговор на грчкиот „Штит на Ахил“, Турција дополнително го забрзува развојот на сопствениот национален противвоздушен систем. Иако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган целосно ја отфрла можноста за каква било соработка со Израел поради конфликтот во Газа, тој отворено призна дека Турција развива свој пандан инспириран од израелската технологија.
– Ако тие (Израел) имаат Железна купола, ние ќе имаме наша Челична купола (Steel Dome, на турски Çelik Kubbe) – изјави Ердоган, најавувајќи дека Турција ќе се потпре исклучиво на сопствената воена индустрија.