933 ЛУЃЕ ЗАРОБЕНИ ВО ТУНЕЛИ ПО КАТАСТРОФАТА ВО НЕПАЛ Спасувачите копаат низ калта, постои надеж дека има преживеани
Размерите на катастрофата во Непал добија нова драматична димензија, 933 луѓе се водат како исчезнати во тунели и во подземни делови на хидроенергетски проекти. Калта на места им стигнува до градите на спасувачите, но во тунелите постојат безбедни зони во кои можеби има преживеани.
Спасувачите во Непал водат битка да стигнат до 933 луѓе по катастрофалните поплави што ја погодија земјата. Работниците се водат како исчезнати во тунели и во подземни делови на околу шест хидроенергетски проекти. Огромни количества кал и отпад го блокираат пристапот до нив, пишува „Гардијан“.
Новата спасувачка операција почна додека размерите на катастрофата продолжуваат да растат. Непалските власти досега регистрирале 903 загинати и 4.247 исчезнати.
Меѓу исчезнатите има 592 странски државјани.
Главниот фокус сега се хидроенергетските објекти. Багери расчистуваат огромни наноси за спасувачите да можат да навлезат во тунелите.
– Голема количина отпад е насобрана и тоа ни претставува голем предизвик да ги отвориме тунелите – изјави портпаролот на Армијата на Непал, Раџа Рам Баснет.
Една од најтешките операции се одвива кај хидроцентралата Чилиме во Расува. Таму спасувачите се пробиваат низ исклучително длабока кал.
Ашиш Гурунг, планински водич кој се приклучи на спасувачките екипи, ја опиша состојбата во тунелите.
– Има само кал насекаде. Внатре во тунелот беше полошо. Толку е тешко да се движите, калта е толку длабока – изјави Гурунг за „Гардијан“.
Спасувачите користеле дрвени штици за да ја проверуваат длабочината на калта. Потоа од нив правеле импровизирани премини и се обезбедувале со јажиња.
На одредени места калта им стигнувала до градите.
6-year-old girl found trapped in rubble after devastating floods in Nepal🥺#NepalFlood pic.twitter.com/qP9AnhOwvc
— HINDUsthaniBlood🩸 (@HINDUsthaniBlud) August 31, 2026
Тимот успеал да навлезе околу 130 метри во тунелот. Сликата што ја затекнале таму била мрачна.
– Внатре толку далеку, можеше да се види подалеку. Изгледаше како да се само тела – рече Гурунг.
Сепак, спасувачите не ја губат надежта за луѓето што можеби останале во подземните објекти. Компанијата што управува со хидроцентралата им доставила мапа на тунелите.
6-year-old girl found trapped in rubble after devastating floods in Nepal🥺#NepalFlood pic.twitter.com/qP9AnhOwvc
— HINDUsthaniBlood🩸 (@HINDUsthaniBlud) August 31, 2026
Според Гурунг, во внатрешноста постојат делови што би можеле да понудат засолниште.
– Тие имаат безбедна зона внатре. Некои од нив потенцијално би можеле да бидат живи. Се надевам дека се живи – рече тој.
Непал побара специјализирана помош од Индија и од Кина за спасувањето во тунелите. Пекинг мобилизирал повеќе од 2.100 спасувачи и опрема за откривање знаци на живот.
Бројот на жртвите во Непал расте. Стотици тела, многу од нив неидентификувани, биле пронајдени откако поројот ги однел низ планинските долини. Во соседен Тибет се регистрирани уште 16 загинати и 546 исчезнати.
Црвениот крст проценува дека катастрофата погодила повеќе од 90.000 луѓе.
Премиерот на Непал, Балендра Шах, поплавите ги нарече „невидена и разорна природна катастрофа“. Во спасувачките операции се вклучени речиси 21.000 припадници на безбедносните сили, како и цивили и волонтери.