МАРОКО ТВРДИ ДЕКА ЈА ПРЕДУПРЕДИЛО ШПАНИЈА ПО СУДСКАТА ОДЛУКА ЗА МИГРАНТИТЕ Мадрид се сомнева дека Рабат вмешал прсти во масовниот упад во Сеута

Мароканскиот претставник изјави дека разговорите со шпанските власти започнале околу 22 или 23 јули, кога, како што рече, „мрежите почнале да зборуваат“ за новата судска одлука, според која тната депортација на мигранти нема да се применува за лицата што пристигнуваат по морски пат.

167

Мароко ја предупреди Шпанија за миграциските ризици што ги носи неодамнешната одлука на шпанскиот суд, уште пред избувнувањето на кризата во Сеута, изјави денеска висок марокански претставник за Франс прес. Мадрид го демантираше ова тврдење.

Во последните денови околу 50.000 лица, претежно марокански државјани, пристигнаа во северноафриканска енклава Сеута пеш или пливајќи од соседниот марокански град Фнидек.






Овој невиден прилив за кратко време ги преоптовари капацитетите на шпанската територија, по што уследи враќање на илјадници лица назад во Мароко.

Според мароканскиот претставник, кој синоќа разговарал со повеќе западни медиуми, властите во Рабат однапред го предупредиле Мадрид за последиците од неодамнешната пресуда на шпанскиот Врховен суд, според која итната депортација на мигранти нема да се применува за лицата што пристигнуваат по морски пат.

– Им објаснивме дека оваа одлука ќе создаде проблем за нас. И навистина создаде проблем – изјави тој.

Портпаролката на шпанската Влада и министерка за инклузија, социјално осигурување и миграција, Елма Саис, ги отфрли овие тврдења.

– Во ниту еден момент немаше докази или извештаи што предупредуваа за размерите на овој настан без преседан – изјави Саис.

Во петокот шпанскиот премиер Педро Санчез оцени дека мигрантската криза во Сеута е поврзана со гласини што ги ширеле „мафијашки мрежи за трговија со луѓе“, врз основа на погрешно толкување на судската одлука.

Мароканскиот претставник изјави дека разговорите со шпанските власти започнале околу 22 или 23 јули, кога, како што рече, „мрежите почнале да зборуваат“ за новата судска одлука.

Тој нагласи дека немало пропуст во работата на мароканските безбедносни служби.

– Лесно е да се каже дека Мароко едноставно требало да употреби сила за да ги запре. Тоа покажува целосно неразбирање на оваа појава – рече тој.

Додаде дека безбедносните сили не можеле да влезат во судир со толкав број луѓе.

– Не е одговорност само на Мароко да се справува со овој феномен – нагласи тој, посочувајќи дека кралството годишно издвојува околу 500 милиони евра за управување со миграцијата.

Мароканскиот претставник уверува дека Рабат и Мадрид дејствуваат „како доверливи партнери“ и продолжуваат да работат во „идеална координација“ по миграциските прашања.

– Сега е на ред Шпанија да најде одговор на предизвиците што произлегуваат од оваа судска одлука – изјави тој.

Од своја страна, министерката Саис оцени дека „ваков исклучителен одговор за толку краток временски период немаше да биде можен без соработката на Мароко“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез деновиве се соочува со остри критики од дел од европските лидери поради миграциската политика на неговата влада, по минатонеделната криза во Сеута.

Според податоците на шпанските и мароканските власти, повеќе од 80 мигранти загинале при обид за преминување во Сеута, вклучително и лица кои се удавиле или настрадале во стампедо при обид да ја совладаат граничната препрека.

Кризата во Сеута повторно ги отвори длабоките поделби во Европската Унија околу миграциската политика. Во отворено писмо потпишано од 22 европски лидери, од Финска до Малта, се наведува дека неодамнешниот настан претставувал „напад врз нашиот систем за миграција и азил“, со повици да зајакнат контролите на морските, воздушните и копнените граници.

Лидерите ја критикуваа одлуката на шпанскиот суд според која мигрантите кои пристигнуваат по морски пат не можат автоматски да бидат депортирани без спроведена постапка, за разлика од оние кои илегално ја преминуваат физичката граница или оградата.

Санчез ги отфрли критиките, оценувајќи дека потезите на неговата влада биле погрешно претставени. Тој изјави дека шверцерите со луѓе ја искористиле судската одлука за да убедат илјадници мигранти да се обидат да ја преминат границата.

Во одговорот до европските лидери, Санчез потсети дека Шпанија во знак на солидарност со ЕУ, ги прифати мигрантите кои во 2021 година пристигнаа во источноевропските земји преку Белорусија, како и мигрантите кои во 2023 година пристигнаа на италијанскиот остров Лампедуза.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони најдиректно го критикуваше Санчез и најави дека Италија ќе ги засили контролите на воздушните и поморските граници со Шпанија. Санчез го оцени нејзиниот став како спротивен на европското и хуманитарното право, како и на принципите на солидарност во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, првично изрази загриженост поради ситуацијата во Сеута и повика на дополнително зајакнување на надворешната граница на ЕУ, а подоцна испрати писмо со поддршка до Санчез и одговорот на неговата влада на кризата.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомес денеска рече дека масовниот прилив на илегални мигранти во северноафриканската Сеута на никаков начинне ја компромитираше европската Шенген-зона за безвизно патување и дека Сеута не е опфатена со Шенген.

Изјавата следува по критиките упатени кон Шпанија за начинот на кој ги штити надворешните граници на ЕУ.

– Најмалку 72.000 мигранти илегално влегле минатата недела во Сеута, а околу 70.000 од нив веќе се вратени во Мароко – изјави шпанскиот министер за внатрешни работи.

По вонредната средба на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, посветена на мигрантската криза во Сеута, Гранде-Марласка изјави дека разговорите се одвивале во конструктивен дух и дека земјите членки ја признале „брзата и ефикасна“ реакција на шпанските власти.

Поврзани содржини