НЕ Е ИСТО СОНЧАНИЦА И ТОПЛОТЕН УДАР, НАПРАВЕТЕ РАЗЛИКА Овие денови заборавете ги алкохолот и газираните пијалоци и не претерувајте со кофеин

Иако обично започнува како постепено исцрпување на организмот кое многумина на почетокот го занемаруваат, топлотниот удар е една од најсериозните медицински состојби поврзани со летните горештини. Тој претставува акутна опасност по животот, но добрата вест е дека со навремена реакција може целосно да се спречи.

49

Сѐ почестите топлотни бранови претставуваат сериозен ризик за здравјето. Лекарите предупредуваат дека екстремните горештини можат да доведат до дехидрација, колапс, срцеви и мозочни удари, како и до други опасни состојби, особено кај постарите лица, хронично болните, децата и бремените жени.

Правилната хидратација е првата линија на одбрана од жештините. За време на високите температури се препорачува да се пие најмалку една чаша вода на секои 20 минути, дури и кога не чувствувате жед. Сепак, кога телесната температура ќе ја надмине критичната граница и ќе дојде до топлотен удар, самата вода веќе не е доволна и е неопходна итна медицинска помош.






За да се избегнат сериозни последици, важно е да се знае разликата меѓу сончаницата, топлотната исцрпеност и топлотниот удар. Иако често се користат како синоними, станува збор за различни состојби кои се разликуваат според причините, симптомите и сериозноста.

Сончаницата настанува поради директно изложување на сончевите зраци на главата и вратот. Најчесто е придружена со силна главоболка, гадење, вртоглавица и чувство на слабост. Се јавува исклучиво при престој на отворено и е последица на директното дејство на сонцето врз организмот.

Топлотната исцрпеност е состојба предизвикана од прегревање на телото и губење на течности и електролити преку потење. Таа е поблага од топлотниот удар, но може да претставува предупредување дека организмот е на граница на своите можности. Најчестите симптоми се обилно потење, силна жед, главоболка, вртоглавица, слабост, студена и леплива кожа и чувство дека ќе дојде до несвестица.

Доколку не се реагира навреме, топлотната исцрпеност може да прерасне во топлотен удар – најопасната состојба поврзана со горештините.

Критична точка

Топлотниот удар настанува кога природните механизми за ладење на организмот престануваат да функционираат поради долготрајна изложеност на високи температури или интензивен физички напор.

Во нормални услови телото се лади преку потење. Но кога температурата и влажноста на воздухот се превисоки или кога организмот е дехидриран, потењето веќе не е доволно за регулирање на телесната температура.

Кога телото ќе ја изгуби способноста да се лади, внатрешната температура може нагло да порасне над 40 Целзиусови степени. Тогаш постои опасност од оштетување на мозокот, срцето, бубрезите и другите витални органи.

Најчестите симптоми на топлотен удар се висока телесна температура, конфузија, дезориентација, забрзана работа на срцето, забрзано дишење, жешка и црвена кожа, гадење, повраќање и губење на свеста.

Прва помош додека се чека Итна помош

Топлотниот удар е итна медицинска состојба која бара брза интервенција.

Првиот чекор е веднаш да се повика Итна помош. До пристигнувањето на медицинскиот тим, лицето треба да се премести во сенка или климатизирана просторија, да се ослободи од вишокот облека и да се лади со ладни и влажни крпи.

Ледени облоги може да се постават на главата, вратот, под пазувите и во препоните, каде што големите крвни садови се најблиску до површината на кожата.

Ако лицето е целосно свесно и не повраќа, може да му се даваат мали голтки вода или пијалак со електролити. Течности не треба да се даваат на лице кое е без свест, збунето или има потешкотии со голтањето.

Рани знаци на дехидрација:
силна жед и сувост во устата;
темножолта или заматена урина;
поретко мокрење;
главоболка и вртоглавица;
намалена концентрација и замор.

Препознавањето на овие симптоми и навременото надоместување на течностите може да спречи развој на посериозни состојби.

Како да се преживеат тропските горештини

Во текот на летото, покрај доволното внесување вода, важно е да се надоместуваат и минералите што организмот ги губи преку потење. Затоа се препорачува внесување пијалаци со електролити, како и храна богата со вода – лубеница, диња, краставици, домати и цитрусни плодови.

Физичките активности треба да се изведуваат рано наутро или доцна навечер, а во периодот од 10 до 17 часот е пожелно да се престојува во климатизирани простории.

Се препорачува носење лесна, широка и светла облека од природни материјали, како и избегнување на алкохол, масна и тешка храна и големи количини кофеин.

Лесните супи, чорби, овошјето и зеленчукот дополнително помагаат во надоместувањето на течностите и електролитите и го намалуваат ризикот од дехидрација и топлотни нарушувања.

Поврзани содржини