ПАРТИИТЕ СО СВОЈА АГЕНДА ЗА ИЛИНДЕН Левица за губење на суверенитетот, ДУИ за уривање на Охридскиот договор, ЛДП бара храброст за европски одлуки
Левица обвини дека во изминатите три децении македонската политика „повеќе ја цеди државата отколку што ја гради“, дека просторот на суверенитетот се стеснува, а достоинството станува предмет на дневни политички преговори.
И опозициските партии и политички лидери го одбележаа Илинден со пораки во кои, покрај историското значење на празникот, доминираа и актуелните политички теми – од суверенитетот на државата, преку меѓуетничките односи, до европската интеграција.
Од Левица порачаа дека АСНОМ претставува „најголемата обврска преземена пред идните поколенија“ и оценија дека секоја генерација има историска одговорност да ја остави државата посилна отколку што ја наследила. Партијата обвини дека во изминатите три децении македонската политика „повеќе ја цеди државата отколку што ја гради“, дека просторот на суверенитетот се стеснува, а достоинството станува предмет на дневни политички преговори.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во честитката оцени дека Охридскиот рамковен договор е современо продолжение на духот на Крушевскиот манифест, но предупреди дека денес е изложен на постојани обиди за поткопување. Тој како примери ги наведе, како што тврди, нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на „балансерот“, слабеењето на механизмите за заштита од мајоризација, непочитувањето на резултатите од пописот, селективната правда и промовирањето моноетнички концепт на државата.
Владејачката ВЛЕН порача дека Илинден е потсетник на стремежите за слобода, еднаквост и правда, како темелни вредности на државата и на нејзиниот мултиетнички карактер. Во честитката се наведува дека празникот е можност да се зајакнат меѓусебното разбирање, соработката и посветеноста на општото добро, без разлика на етничките, верските и политичките разлики. Од ВЛЕН нагласуваат дека обврска на сите граѓани е да градат модерна, праведна и рамноправна држава во која секој ќе се чувствува почитуван, оценувајќи дека тоа е предуслов за сигурно напредување кон Европската Унија.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, оцени дека „вистинскиот илинденски пркос“ денес не се покажува со фолклорни пароли, туку со одлучност за носење државнички одлуки. Таа предупреди дека политичките калкулации не смеат да го претворат илинденскиот завет во „маратонско исцрпување“ и да ја задржат Македонија меѓу најсиромашните европски земји. Зајкова апелираше да не се одлагаат решенијата и повика на разум и храброст за носење одлуки што ќе ги обезбедат европските фондови и ќе создадат посилна и попросперитетна држава.
Демократскиот сојуз порачаа дека Илинден од 1903 година и АСНОМ од 1944 година остануваат темелите на современата македонска држава и траен потсетник дека најголемите национални идеали се остваруваат со единство, солидарност и истрајност.