ЗА СТАН ОД 50 КВАДРАТИ ВО ЦЕНТАР ПЛАТЕНИ 168.000 ЕВРА Расте продажбата на становите
Во периодот од 1 април до 30 јуни се регистрирани 8.369 трансакции купопродажби и закупи, повеќе за 7,9 отсто од првиот квартал, а вкупната остварена финансиска вредност на пазарот на недвижности за вториот квартал изнесува 351,7 милиони евра, што е раст од 27,3 проценти.
Во вториот квартал годинава најголемата постигната цена на стан продаден од инвеститор изнесува 206.640 денари (3.360 евра) за метар квадратен, односно за 50 метри квадратни стран во Центар се платени 168.000 евра, покажува извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодот април-јуни, објавен денеска.
Од продажбите на стари станови, најголемата постигната цена по метар квадратен е во Охрид и изнесува 197.408 денари (3.200 евра), односно, за 66 квадратни метри се платени се 211.200 евра.
Во периодот од 1 април до 30 јуни годинава во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 8.369 трансакции (збир од купопродажби и закупи) и споредбено со првиот квартал се бележи раст од 7,9 проценти, што укажува на зголемена пазарна активност.
Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот на недвижности за вториот квартал изнесува 351,7 милиони евра, што е раст од 27,3 проценти во споредба со претходниот квартал.
Регистрирани се 977 продажби од инвеститор, од кои 943 се станови, а 34 куќи. Во однос на првиот квартал има раст за 236 продадени новоградби.
Во вториот квартал годинава на целата територија на државава се регистрирани 943 новоизградени станови, односно станови од инвеститор, што е за 231 станови или 32 проценти повеќе во споредба со првиот квартал. Во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 28.352 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.
Споредено со првиот квартал годинава, бројот на продадени станови во вториот кавртал е зголемен за 37 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е зголемена за 43 проценти. Бројот на продадени куќи во овој квартал е зголемен за 13 проценти, а финансиската вредност е зголемена за 22 проценти.
Кај земјоделското земјиште и шумите, бројот на купопродажби во вториот квартал е зголемен за 7 проценти, а финансиската вредност за 14 проценти.
Деловните простори во овој квартал бележат пад на вкупната купопродажната вредност од 7 проценти во споредба со првиот квартал од 2026 година, а бројот на продадени деловни простори е зголемен за 21 процент.
Исто така, раст на вкупната купопродажната вредност во споредба со првиот квартал од 2026 година се бележи и кај индустриските објекти и тоа од 97 проценти, а на градежното земјиште од 10 проценти. Бројот на продажби кај индустриските објекти е намален за 16 проценти, а на градежно земјиште е зголемен за 16 проценти.
Бројот на продадени гаражи во овој квартал е зголемен за 34 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е зголемена за 46 проценти во однос на првиот квартал од 2026 година.
Најголем број продадени станови има во општина Аеродром, 297 станови, а најголем број продадени куќи во општина Битола, 64. Најмногу купопродажби на деловен простор има на територијата на општина Центар каде што се продадени 33 деловни простори. Најмногу недвижности од типот на земјоделско земјиште и шуми се продадени во општина Куманово со 79 купопродажби, а исто и најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во Куманово со 45 купопродажби.
Во вториот квартал од 2026 година се продадени недвижности со вкупна површина од 7.818.624 метри квадратни.