ВЕДРАНА РУДАН ГО ЗАГУБИ СПОРОТ СО ЗДРАВСТВЕНИОТ ФОНД Хрватската писателка мора да плати дел од лекувањето на карциномот од свој џеб
Случајот предизвика дебата во Хрватска откако здравствениот фонд ја покрил терапијата, но одбил да ја рефундира дијагностиката што била неопходна за нејзиното спроведување.
Хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан (76) ја загуби првостепената судска постапка против Хрватскиот завод за здравствено осигурување (ХЗЗО), во спор поврзан со трошоците за лекување на редок облик на рак. Иако Фондот ѝ ги признал и рефундирал трошоците за стереотактичка радиотерапија во износ од 8.814 евра, одбил да покрие околу 3.000 евра што таа ги платила за специјализирана дијагностичка процедура.
На Рудан во април 2024 година ѝ бил дијагностициран холангиоцелуларен карцином на црниот дроб, редок и сериозен вид малигно заболување. По консултации со специјалисти во Клиничката болница „Меркур“ во Загреб, била упатена во приватната установа „Радиохирургија“, каде што ѝ била препорачана напредна PET/CT дијагностика со магнетна резонанца за утврдување на проширеноста на болеста и планирање на третманот.
Спорната процедура ја платила од сопствен џеб, по што следувала радиотерапија и операција. Според аргументите на нејзиниот правен тим, без таа дијагностика лекувањето не можело ниту да биде испланирано ниту да започне, па затоа трошокот требало да биде третиран како составен дел од терапијата.
Адвокатката Лина Будак најави жалба на пресудата, оценувајќи дека одлуката е проблематична не само за нејзината клиентка, туку и за сите онколошки пациенти. Таа предупреди дека во пракса се создава ситуација во која пациентите мора сами да обезбедат илјадници евра за дијагностика, иако формално имаат право на лекување преку јавното здравствено осигурување.
Дополнително внимание привлече и фактот што хирургот кој ја упатил Рудан на лекување во приватната установа истовремено работи и таму, а во одредени случаи соработува и со ХЗЗО како консултант. Ова отвори прашања за организацијата на системот и за поврзаноста меѓу јавниот и приватниот здравствен сектор.
Случајот на Ведрана Рудан би можел да има пошироки последици. Доколку повисокиот суд ја потврди првостепената пресуда, тоа би можело да создаде практика според која здравствениот фонд ќе покрива само одредени терапии, додека дел од неопходните дијагностички процедури ќе останат на товар на пациентите. Токму затоа исходот од жалбената постапка со големо внимание го следат и здруженијата на пациенти и правните експерти во Хрватска.