ГОРАН ВИШЊИЌ СЕ ВРАТИ ВО ХРВАТСКА По 30 години надвор од татковината, актерот и неговото семејство повторно се дома

Хрватскиот актер, кој светска слава стекна со улогата на доктор Лука Ковач во серијата „Ургентен центар“, со сопругата Ева и нивните деца се врати да живее во Хрватска, оставајќи го зад себе холивудскиот сон

117

По две ипол децении поминати во САД, Горан Вишњиќ донел една од најважните животни одлуки – да се врати дома. Познатиот актер, кој изгради успешна кариера во Холивуд, денес повторно живее во Хрватска заедно со сопругата Ева и нивните деца.

Вишњиќ се пресели во Америка во доцните 1990-ти години, откако ја доби улогата на доктор Лука Ковач во популарната серија „Ургентен центар“ („ER“). Токму таа улога му ја отвори вратата кон меѓународна кариера, по што следуваа бројни ангажмани во филмови и телевизиски серии.






Иако долго време живееше во Лос Анџелес, актерот никогаш не ја криел носталгијата по родната земја. Во повеќе наврати зборуваше дека нему и на сопругата им е важно нивните деца да останат поврзани со хрватската култура, јазикот и семејството.

Пред неколку години семејството се пресели во Корнвол, во Англија, но тоа се покажало само како преодна фаза. Денес нивниот дом повторно е во Хрватска, каде што, според неговата сопруга која ја сподели веста за нивното враќање на социјалните мрежи, пронашле мир и квалитет на живот каков што долго време посакувале.

Таа откри дека тие сакале помирен начин на живот, а важна причина за првичната преселба во Обединетото Кралство било и образованието на нивните деца.  Ева го опишува Корнвол како прекрасно место, воодушевена е од природата и плажите, но признава дека животот таму станал значително покомплициран по Брегзит. Им било особено тешко да патуваат во Хрватска, што траело речиси исто колку и летовите од Лос Анџелес. Покрај тоа, вели Ева, британската клима не била онаква на која биле навикнати по годините поминати во сончевата Калифорнија.

Најголемиот предизвик, додаде таа, бил да се најде вистинскиот момент да ги повлечат своите деца од англискиот училишен систем, поради што останале во Британија подолго отколку што првично планирале.

Минатата година пронашле решение, а денес со гордост можат да кажат дека повторно се дома. Нивниот нов дом се наоѓа во Истра, која Ева ја опиша како мал рај на земјата, позната по маслиновото масло, вината од врвен квалитет, тартуфите, благата клима и бројните сончеви денови.

Горан и Ева се во брак од 1998 година и важат за еден од најстабилните парови на регионалната јавна сцена. Заедно имаат три деца, а актерот често истакнува дека токму семејството отсекогаш му било поважно од славата и црвените теписи.

Иако се вратил во Хрватска, Вишњиќ не се откажува од актерската кариера. Напротив, тој и понатаму работи на меѓународни проекти, но сега има можност професионалните обврски да ги усогласи со животот поблиску до своите корени, но и до својата вонбрачна ќерка, Лана Лурдес Рупиќ.

Лана е родена во 2007 година и освен што е ќерка на славниот актер, гради и сопствена кариера во светот на модата. Таа ја освои титулата Мис Универзум Хрватска и годинава ќе ја претставува својата земја на светскиот избор за убавина. По турбулентниот почеток на приказната со нејзиниот татко, денес таа и Горан Вишњиќ имаат добар однос, а јавноста во неколку наврати можеше да ги види заедно на семејни средби и фотографии.

Поврзани содржини