СОПРУГАТА СВЕДОЧЕШЕ НА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ПОЗНАТИОТ КОМИЧАР Лора Бренд откри детали за сексуалниот живот: „Му беше тешко да биде моногамен“
Сопругата на Расел Бренд сведочеше на судењето во Лондон и откри детали за нивниот сексуален живот, раскинувањето и обновувањето на врската.
Лора Бренд, сопругата на британскиот комичар и актер Расел Бренд, сведочеше на судењето против него во Лондон, каде што тој се соочува со сериозни обвиненија за силување, сексуално злоставување и обид за непристоен напад. Пред поротата таа зборуваше за почетокот на нивната врска, нивниот сексуален живот и причините поради кои се разделиле во 2007 година, признавајќи дека на сопругот му било тешко да биде моногамен.
Лора, која денес има 39 години, раскажа дека со Бренд се запознала во август 2006 година на фестивалот во Единбург. Таа тогаш имала 19, а тој 31 година. По настапот на комичарот, Лора и нејзината сестра Кирсти Галачер, позната британска телевизиска водителка, му пришле, а тој набргу потоа ѝ се јавил и започнале да се гледаат.
Зборувајќи за нивниот прв сексуален однос, Лора рекла дека Бренд бил внимателен и дека сè се одвивало со нејзино темпо. Таа објаснила дека пред него имала само еден партнер и дека се чувствувала згрижено и почитувано. На прашањето дали тој сакал да имаат сексуален однос со пенетрација при нивната прва средба, одговорила дека таа не го сакала тоа и дека не се сеќава ниту тој да го побарал.
Сепак, нивната врска не била без проблеми. Лора пред судот признала дека била свесна за неговата промискуитетност и дека знаела оти се гледа и со други жени. Тоа ѝ пречело, бидејќи сакала моногамна врска.
– Не ме интересираше да бидам во врска со него ако спиеше со други луѓе. Бев посветена на таа врска, и двајцата си кажавме дека се сакаме, но беше јасно дека му е тешко да биде моногамен – сведочела таа.
Двојката се разделила во февруари 2007 година, а Лора признала дека била скршена од болка. Сепак, останале во контакт и по раскинувањето, а повторно ја обновиле љубовната врска во 2015 година. Две години подоцна се венчале и заедно имаат три деца.
И покрај сериозните обвиненија со кои се соочува нејзиниот сопруг, Лора го опишала како грижлив партнер и прекрасен татко. Пред поротата рекла дека е внимателен сопруг, дека ја познава многу добро и дека во нивниот брак најважна е искреноста.
– Нашиот однос отсекогаш се темелел на искреност. Го сакам многу – рекла таа.
Нејзиното сведочење било дел од одбраната на Бренд, кој се соочува со седум обвиненија поврзани со шест жени, за наводни инциденти во периодот од 1999 до 2009 година. Обвиненијата вклучуваат три случаи на силување, три сексуални напади и обид за непристоен напад. Бренд категорично ги негира сите обвиненија.
На судењето, кое се одржува во Кралскиот суд во Саутворк во Лондон, Лора не можела да се изјаснува за тоа дали нејзиниот сопруг е виновен или невин. Кога адвокатот на одбраната ја прашал за нејзиното мислење за вистинитоста на обвиненијата, судијата го прекинал, објаснувајќи дека таа не е стручно лице кое може да дава таква оценка.
Бренд, кој присуствувал на сведочењето на сопругата, во неколку моменти се насмевнувал и реагирал на нејзините изјави. Судењето продолжува, а неговиот исход допрва треба да се утврди.