ЦЕНИТЕ НА ОСОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ И ИНФЛАЦИЈАТА ДА ОСТАНАТ ПОД 3% ВО ЈУЛИ Мицкоски по средбата со трговците посветена на инфлацијата и цените
Премиерот најави дека во наредниот период ќе има средба и со добавувачите и производителите ,а главна цел на овие средби е годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под 3%.
Владата останува посветена на спроведување мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и обезбедување поголема економска сигурност, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Христијан Мицкоски по вчерашната средба со претставници на најголемите трговски синџири во земјава, посветена на справување со инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи.
Тој во објавата најавува дека во наредниот период ќе следуваат средби и со добавувачите и производителите.
„Во наредниот период ќе следат средби и со добавувачите и производителите, со цел заеднички да придонесеме годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под 3%“, пишува Мицкоски.
Премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиуми пред средбата во Владата упати порака оти кризата завршува и дека граѓаните биле толерантни, поради што, како што истакна, сега е на ред трговците и дистрибутерите да им се одолжат и да ги намалат цените на производите, посебно основните прехранбени производи.
– Оправдување и изговори не прифаќам, од типот „не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените“ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме – рече Мицкоски.