🎥 ОСУДЕНА НА 74 УДАРИ СО КАМШИК ОТИ ПЕЕЛА БЕЗ ХИЏАБ Иранска пејачка доби и двегодишна забрана за уметничка дејност
Групите за човекови права и адвокатите велат дека пресудата се вклопува во шемата на апсења и гонења на уметници во Иран кои јавно му се спротивставуваат на режимот.
Иранската пејачка Парасту Ахмади и 8 членови на нејзиниот продуцентски и музички тим се осудени на по 74 удари со камшик затоа што Ахмади не била покриена на концертот што бил емитуван во живо на нејзиниот канал на јутјуб во 2024 година.
Според судските документи, кривичниот суд на покраината Ком ги осудил уметниците на камшикување, двегодишна забрана за напуштање на земјата и двегодишна забрана за уметничка дејност. Тие се обвинети за кршење на јавниот морал со производство и објавување „вулгарна и неморална содржина“ на интернет.
Иако официјалната судска новинска агенција сè уште не ја објавила пресудата, групите за човекови права и адвокатите кои ги прегледале документите велат дека таа се вклопува во шемата на апсења и гонења на уметници кои јавно му се спротивставуваат на режимот. Тие тоа го гледаат тоа како поширок обид за одвраќање на културниот отпор.
Во декември 2024 година, 29-годишната Ахмади ја изведе патриотската песна „Az Khoone Javanane Vatan“ („Од крвта на младите на татковината“) без хиџаб за време на пренос во живо, кој брзо стана вирален. Кратко по објавувањето на видеото, таа беше приведена заедно со неколку музичари, но набрзо беа ослободени. Властите подоцна отворија формална постапка за објавувањето на видеото.
– Пресудата од 74 удари со камшик за Парасту Ахмади само затоа што пееше и се појавуваше без хиџаб е уште еден потсетник дека состојбата со човековите права во Иран не се променила, и покрај пропагандната кампања на иранските власти насочена кон подобрување на нивниот јавен имиџ – рече Бахар Гандехари, директорка на Центарот за човекови права во Иран со седиште во САД.
Таа додаде дека контрастот помеѓу официјалниот имиџ што режимот се обидува да го прикаже и прогонот на уметниците го покажува „јазот помеѓу пропагандата и реалноста“.
Моеин Хазаели, адвокат за човекови права во правната консултантска куќа „Дадбан“, која им помага на иранските активисти, смета дека пресудата нема правна основа.
– Пеењето, изведувањето музика и создавањето или дистрибуцијата на музички дела од жени не се кривични дела според иранскиот кривичен закон. Затоа, ваквите активности не можат разумно да се толкуваат како производство, дистрибуција или објавување на непристојна содржина – рече тој.
Додаде дека осудувањето уметници, активисти на граѓанското општество или други граѓани на камшикување не е само прашање на домашното кривично право.
– Тоа покренува сериозни прашања за меѓународните обврски на државите да ја забранат тортурата и да го заштитат човековото достоинство. Затоа многу организации за човекови права не го сметаат камшикувањето за легитимна форма на казна, туку за форма на тортура и нехуман третман – рече тој.
За многу ирански уметници, пресудата, иако не е сосема неочекувана, ги зголеми стравувањата од зголемување на културната репресија.
– Осудата на пејачката Парасту Ахмади на камшикување само затоа што пее јавно без хиџаб е суров потсетник дека репресивниот апарат на Исламската Република останува непроменет, и покрај разговорите во Вашингтон за „нов режим“ во Иран“. Дозволувањето на таков режим неказнето да ги камшикува жените за нивните гласови и да ги убива граѓаните кои ги бараат своите права само го охрабри да продолжи по својот тирански пат – изјави иранско-британската актерка Назанин Бонијади.
Иранската актерка Сетарех Малеки, која беше принудена да оди во егзил откако глумеше во филмот номиниран за Оскар „Семето на светата смоква“ од режисерот Мохамед Расулоф, изјави дека изведбата на Парасту Ахмади имала силен емоционален ефект врз неа.
– Кога ја гледав снимката од нејзиниот концерт, тоа повторно го разбуди духот на отпор во мене. Ги гледав снимките одново и одново со денови и чувствував огромна гордост за Парасту. Таа ги знаеше последиците, но сепак не се откажа од своето право да живее, да пее и да биде слушната како жена. Иранките никогаш не престануваат да се борат против тиранијата, дури ни за момент, и тоа е навистина извонредно – рече Малеки.
Таа додаде дека за иранските уметници кои одбиваат да прифатат цензура, живеењето во земјата е само по себе форма на отпор.