ОД ЕВРОПА ЌЕ ЗАМИНАТ АМЕРИКАНСКИ АВИОНИ, БРОДОВИ И ДО 40.000 ВОЈНИЦИ Пентагон разгледува план за повлекување на третина од воените сили
Намалувањето на силите би ги погодило најмногу Германија, Италија и Шпанија, земјите каде што се наоѓаат повеќето американски бази.
Пентагон разгледува план за повлекување авиони, воени бродови, оружје и десетици илјади американски војници од Европа, и покрај предупредувањата од сојузниците на НАТО за растечката закана од руска агресија, јави Ен-Би-Си повикувајќи се на седум сегашни и поранешни западни и американски функционери.
Станува збор за можно повлекување на околу една третина од американскиот контингент, односно приближно 25.000 војници, додека некои извори тврдат дека бројот би можел да достигне и до половина од вкупните сили – до 40.000 луѓе.
Доколку тој план се спроведе, тоа ќе биде најрадикалното намалување на американското воено присуство на европско тло од крајот на Студената војна.
Во воените бази на континетот сега има околу 80.000 американски војници.
Намалувањето на силите би ги погодило најмногу Германија, Италија и Шпанија, земјите каде што се наоѓаат повеќето американски бази. Лидерите на тие земји влегоа во отворен конфликт со претседателот на САД Доналд Трамп поради нивното одбивање да се приклучат на американската војна против Иран. Трамп со месеци вели дека Европа мора да ја преземе водечката улога во сопствената одбрана, додека американските капацитети се повеќе потребни за справување со Кина, Иран и со нарко-картелите.