ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА СДСМ КОГА ПРОПАЃАА БАНКИ, А НИВНИ МИНИСТРИ ОДНАПРЕД СИ ГИ ВАДЕА ПАРИТЕ Банкарскиот систем во Македонија е стабилен
Тогашната министерка за финансии од редовите на СДСМ, Нина Ангеловска гледаше да си ги спаси само своите пари и неколку дена пред да пропадне Еуростандард банка во 2020 година си ги повлече своите 250.000 евра, додека заштедите на граѓаните пропаднаа заедно со банката, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Банкарскиот систем во Македонија е стабилен, надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на штедачите, инвеститорите, граѓаните, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Заврши времето на СДСМ кога пропаѓаа банки, како Еуростандард банка, а најодговорните наместо да ги штитат интересите и парите на граѓаните, работеа за сопствени интереси. Таков е примерот на тогашната министерка за финансии од редовите на СДСМ, Нина Ангеловска која требаше да го штити капиталот на граѓаните, штедачите и на инвеститорите, гледаше да си ги спаси само своите пари. Така, располагајќи со информации што ѝ го дозволуваше позицијата министер за финансии, Ангеловска неколку дена пред да пропадне Еуростандард банка во 2020 година си ги повлече своите 250.000 евра, додека заштедите на граѓаните пропаднаа заедно со банката. И да не заборавиме како банката дојде до неликвидна ситуација. Долго време на компании одобрувала ризични кредити без соодветно покритие, меѓу кои и 29 струмички меѓу кои имало и фирми блиски до Заеви. Дел од нив освен што зеле кредити без соодветно покритие, истите и не ни ги враќале на банката“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Сето ова се случувало додека СДСМ беше на власт, се додава во соопштението.
„И нормално не реагираа навреме и не ги заштитија парите на граѓаните. Но затоа пак, Нина Ангеловска своите пари си ги спаси“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Сега државата и надлежните институции се на страна на граѓаните, преземаат соодветни мерки и се грижат за нивниот интерес, додава партијата.