ШТО ЌЕ ПРАВИ ВЛАДАТА НА „СТУДЕНТСКАТА ЛИСТА“ ВО ПРВИТЕ 100 ДЕНА? Академик и пратеник од победничката листа ги открива нејзините приоритети

Саичиќ го отфрли мислењето дека различните ставови во рамките на студентското движење нужно ќе доведат до конфликт. Тој смета дека учесниците можат да се фокусираат на заедничките цели – како што се еднаквоста пред законот, вработувањето врз основа на заслуги и независноста на институциите – додека идеолошките разлики треба да се решаваат преку демократски дијалог.

146

Новата влада на „Студентската листа“ има за цел во текот на првите 30 дена да обезбеди стабилен курс на динарот, навремената исплата на плати и пензии, како и сигурното снабдување со енергенси. Во овој период се очекуваат разговори со Соединетите Држави во врска со санкциите кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), како и со Русија во однос на снабдувањето со гас – наведе Радомир Саичиќ, професор на Хемискиот факултет во Белград, член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) и претставник на „Студентската листа“ во интервју за српскиот неделник „НИН“.

Наведувајќи ги прииоритетите на идната српска влада Саичиќ најави донесување на буџетот за 2027 година, со акцент на поголема транспарентност во јавните трошења. Во првите 100 дена, приоритетите ќе вклучуваат ревизија на големите јавни проекти, реструктуирање на државните институции и претпријатија, како и професионализација на нивното раководење. Понатаму, Саичиќ најави обелоденување на договорите поврзани со големите државни проекти, построг надзор за борба против корупцијата, како и враќање на незаконски стекнатиот имот. Во тој контекст, тој ја истакна клучната улога на обвинителството во утврдувањето на одговорноста.






фото: принтскрин

Според неговите изјави, во рок од една година треба да се подготват реформски законски решенија во различни сектори, вклучувајќи ги телекомуникациите, осигурувањето, банкарството, даночниот систем и борбата против корупцијата. Долгорочната цел е развој на економија заснована на знаење, при што ќе се искористи експертизата на научниците и претприемачите од дијаспората.

Се најавува истрага за трагедијата во Нови Сад

Меѓу главните цели, тој ги издвојува воспоставувањето на владеењето на правото, борбата против корупцијата и професионализацијата на државните институции, како и утврдувањето на одговорноста за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што животот го загубија 16 лица. Саичиќ тврди дека истрагата не била спроведена доволно ефикасно, па дури и дека била попречувана.

„Првото и најважно од почетните барања на студентите беше спроведување истрага и кривично гонење на одговорните. Сега ситуацијата се менува: истрагата ќе се спроведе многу поефикасно, ќе се утврдат фактите, а против обвинетите ќе се поведат правни постапки“, изјави тој за НИН.

Тој најави и промени во државната администрација, истакнувајќи дека чесните вработени ќе можат да продолжат со својата работа, додека високите функционери ќе мора да одговараат за своите постапки. Како мерка за поттикнување на професионализацијата, тој посочи на воведувањето јавни конкурси за работните места, со што ќе се напушти практиката на долготрајни именувања на привремени позиции.

Целта е формирање влада без одлагање

Саичиќ изјави дека составот на новата влада веќе се разгледува, иако пред нејзиното формирање мора да се изврши верификација на изборните резултати и конституирање на парламентот. Целта, според него, е процесот да се заврши без непотребно одолговлекување, но истовремено и без избрзани потези.

Тој го отфрли мислењето дека различните ставови во рамките на студентското движење нужно ќе доведат до конфликт. Тој смета дека учесниците можат да се фокусираат на заедничките цели – како што се еднаквоста пред законот, вработувањето врз основа на заслуги и независноста на институциите – додека идеолошките разлики треба да се решаваат преку демократски дијалог.

Според него, изборот на претседателски кандидат од страна на „Студентската листа“ ќе им биде препуштен на самите студенти. Тој нагласи дека односот меѓу идната влада и претседателот на Републиката треба да се заснова на уставните овластувања што ѝ припаѓаат на секоја од овие институции.

Саичиќ тврди дека „Студентската листа“ веќе има разработено обемна програма – подготвена од повеќе од десет експерти која опфаќа над 1.200 страници. Во интервјуто за НИН, тој изјави дека спроведувањето на оваа програма треба да биде мерливо, со посебен фокус на обновувањето на институциите, транспарентноста и одговорноста на владата.

Поврзани содржини