АКО МЛАДИТЕ ПРОДОЛЖАТ ДА СИ ОДАТ, НИВНОТО МЕСТО ЌЕ ГО ЗАЗЕМАТ ЛУЃЕ ОД ТРЕТИ ЗЕМЈИ Мицкоски за демографската слика на Македонија

Ако вие денеска не размислувате што ќе биде за 50, 75 -100 години вие не треба да се занимавате со оваа работа, барајте си друга работа, работа која што е ден за ден и терајте – рече премиерот.

144

Македонија се соочува со сериозен проблем со демографската слика, па затоа треба да се прават анализи и да се размислува неколку децении однапред со цел потентните млади луѓе да останат и да придонесуваат за македонската економија- рече премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов.

-Апсолутно ќе дојде време, можеби не сега, но за некои 15, 20-25 години целосно да се смени демографската слика во Македонија. Од денешна перспектива за 15, 20 – 25 години можеби едно 150 до 250 илјади луѓе ќе ни недостасуваат во Македонија. Каде е проблемот? Тоа е една верига. Ако има Европа проблем со демографијата, а има поголем и од нашиот, тогаш дел од нашиот потенцијал оди таму. Без разлика на понатамошниот нивен развој како личности и како луѓе итн. тие создаваат празен простор овде. За да може оваа економија да се развива ќе мора некој да го пополни тоа и логично е од трети земји луѓе, работници да дојдат и да го пополнат тој празен простор кој што ќе го оставаат тие коишто ќе заминат во Западна Европа. Така што, ако во Западна Европа демографската слика се подобри и влеземе во состојба 2,1 родност, тогаш потентните млади луѓе ќе останат тука и ќе придонесуваат кон македонската економија, нагласи Мицкоски.






Тој нагласи дека и покрај тоа што оваа е многу важна тема за понатамошниот развој на државата, кога зборува за семејство и демографија често е исмејуван и навредуван од, како што рече, одредени структури кои се талог на општеството, но кога се води држава и се сака да се остави трага, мора да се размислува и да се анализира долгорочно.

– Jас кога зборувам за семејство, кога зборувам за демографија, има одредени структури во општеството, јас го нарекувам талог на општеството, коишто ме исмејуваат, ме навредуваат, пишуваат лошо за мене итн., но тоа е едноставно иднината. Ако вие денеска не размислувате што ќе биде за 50, 75 -100 години вие не треба да се занимавате со оваа работа, барајте си друга работа, работа која што е ден за ден и терајте. Ако веќе ја водите државата, ја водите Владата, вие морате сите аспекти да ги анализирате неколку децении однапред, ако сакате да бидете човек кој ќе остави трага – посочи премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини