ЖЕНА ЌЕ СУДИ НА МУНДИЈАЛОТ Историски момент за Тори Пенсо
Американката Тори Пенсо ќе стане втората жена во историјата што ќе суди натпревар на Светско првенство за мажи, следејќи ја Стефани Фрапар од Франција.
Жената судијка Тори Пенсо од САД ќе ја дели правдата на натпреварот меѓу Чешка и Јужна Африка на Светското првенство 2026, со што ќе стане втората жена во историјата што ќе суди меч на Мундијалот во машка конкуренција.
Триесет и деветгодишната Американка е назначена за главен арбитар на натпреварот кој ќе се игра денес (18 јуни) во Атланта, со почеток во 18 часот по македонско време.
Со ова назначување, Пенсо влегува во историјата на светските првенства, следејќи ги чекорите на Французинката Стефани Фрапар, која прва судеше натпревар на Мундијал за мажи.
Фрапар на Светското првенство во 2022 година ја делеше правдата на дуелот меѓу Германија и Костарика, кој заврши со 4:2.