ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ И „ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА“ ОСТАНАА ВО ЕВРОПСКИОТ ИЗВЕШТАЈ Европратениците го усвоија документот за напредокот на Македонија
Амандманот предложен од известувачот Томас Вајц, кој бараше да се избрише ставот со кој се повикува заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“ беше отфрлен со 338 гласа „против“ И 126 гласа „за“.
Европскиот парламент со 411 гласа „за“, 120 против и 120 воздржани го усвои Извештајот на известувачот Томас Вајц за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија.
Амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше да се избрише ставот 73 од идната резолуција, беше отфрлен. Против бришењето на текстот гласаа 338 пратеници, а 126 гласаа „за“.
Доколку амандманот беше усвоен, во конечниот извештај немаше да биде споменат Вториот протокол произлезен од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
Ставот 73 ја повикува Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“, со тоа што ќе ја темели својата работа на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, во согласност со Вториот протокол. Текстот го содржи и концептот на „заедничка историја“.
Извештајот на Вајнц претходно, на 3 јуни, беше усвоен од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент.
На гласањето му претходеше жестока дебата околу амандманите поврзани со исполнувањето на обврските на Скопје според преговарачката рамка со ЕУ.