СДСМ ПРВО ГИ ИЗБРКА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СТРАНСТВО, А СЕГА НЕ ИМ ДАВА ДА ГЛАСААТ! Мицкоски за најавената блокада со 13.000 амандмани на Изборниот законик
Наша црвена линија е гласањето на дијаспората, бидејќи дијаспората мора да се чувствува поврзана со својата татковина, бидејќи наша цел, како Влада е еден ден таа дијаспора да си ја вратиме дома – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Политичката партија СДСМ во коалиција со политичката партија Левица, поднесоа 13.000 амандмани, со цел да го спречат гласањето на нашинците во дијаспората, плашејќи се дека ја немаат довербата на нашинците од дијаспората. И ова е силна порака кон нашинците во дијаспората – изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за време на работна посета на Неготино.
– Најпрвин, СДСМ, кога беше Влада, со својата катастрофа и катаклизма којашто ја донесе во Македонија, мотивираше и избрка голем дел од нашите граѓани да си ја бараат својата среќа надвор од земјата, а сега истите ги казнува по втор пат. Не им дозволува да учествуваат на легитимни претседателски, еве ако се плашат за парламентарните избори, ние велиме за следните претседателски избори па натаму, да ѝ се даде можност на дијаспората да учествува по електронски пат – рече Мицкоски.
Тој потсети дека во изминатите месеци била спроведена конструктивна дебата во рамките на Парламентот, и сѐ било усогласено кога станува збор за Изборниот законик.
– Во последен момент политичката партија Левица, одби да се потпише на поднесокот до парламентарците, односно одби да го потпише поднесувањето на Изборниот законик којшто тие го предлагаа, којшто тие го усогласуваа, ние им прифаќавме сѐ што сакаа. Сѐ што мислевме дека е во согласност со нормалното однесување, ние прифативме. Вклучително и парите за финансирање на кампања, нешто што им беше најбитно, тоа им беше главен приоритет, да имаат повеќе пари за финансирање на кампања. Сѐ им прифативме и на крај рекоа не, не, ние ова нема да го потпишеме. Еве ви ветуваме нема да правиме филибастеринг со амандмани, вие изгласајте си го, ние ќе бидеме воздржани. Сакајќи при тоа да се претстават, повторно лажно пред нивните поддржувачи, дека еве тие се тие кои што се принципиелни, а сите останати се против нив, правејќи се жртва на тој начин. А во суштина, четири месеци заедно преговараа со сите пратенички групи. И ова е порака до нивните гласачи, замислете да им дадете можност да управуваат со институции. Замислете да им дадете можност тие да одлучуваат за вашата иднина. Кога тие во очи ве гледаат и ве лажат, а позади завеса нешто сосема друго прават – рече Мицкоски.
Тој рече дека собраниското мнозинтво е подготвено да прифати дел од амандманите на СДСМ и на Левица, но не и во врска со гласањето на дијаспората.
– Нашата порака беше јасна – кажете сѐ, сѐ ќе прифатиме. Не ви одговара гласањето да биде со заокружување на бројче и име, во ред, дајте амандман, ќе го прифатиме. Не ви одговара начинот на поднесување на жалби после гласањето, во ред кажете како, сѐ ќе прифатиме. Но, наша црвена линија е гласањето на дијаспората, бидејќи дијаспората мора да се чувствува поврзана со својата татковина, бидејќи наша цел, како Влада е еден ден таа дијаспора да си ја вратиме дома. Ако вие го пресечете и овој канал и тие не се чувствуваат дека припаѓаат во својата татковина, кој ќе биде нивниот мотив за да си дојдат повторно дома – праша Мицкоски.
Според премиерот, постојат и економски мотиви за воведување електронско гласање за дијаспората.
– Ние сега трошиме милиони евра, праќајќи луѓе од Министерството за надворешни работи и од другите институции, да бидат набљудувачи и да го спроведат процесот на гласање на дијаспората, којшто не е успешен, бидејќи нормално во Австралија треба вие да летате по 10 часа натаму-наваму за да го остварите своето право. Истото и во Канада, и во Соединетите Американски Држави, па и во Европа, ако сакате можете истото да го анализирате.
Јас се надевам дека конечно од СДСМ и од политичката партија Левица, од оваа коалиција ќе се осмелат, ќе ги остават своите политички мотиви во своето политичко мочуриште. Ќе се вратат во Парламентот, сѐ уште има време и оваа реформа да ја испорачаме. Јас сум убеден дека политичките интереси ќе ги остават на страна и ќе ги стават како приоритет националните интереси – рече премиерот Мицкоски во Неготино.