УШТЕ ЕДЕН МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН СТАНА СОВЕТНИК ВО ИТАЛИЈАНСКА ОПШТИНА Салим Курто од Скудриње ќе работи за општина Видор
Во општината Видор од вкупно 364 странци (податок од јануари 2025) македонската заедница е најбројна и брои 93 македонски државјани.
Македонскиот државјанин, Салим Курто, по потекло од долнореканското село Скудриње, Општина Маврово и Ростуше, кој живее и работи во Италија, е вториот нашинец кој обезбеди место во Совет на една италијанска општина.
На конституивната седница на Советот општината Видор, тој е избран за претседател на мнозинската советничка група што ќе ја води Општината. Победничката советничка група ја предводеше актуелниот градоначалник на Видор, Никола Зандо.
– Чест и голема одговорност е функцијата која ја добив. Со моето максимално залагање очекувам да ја оправдам довербата. Би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе кои беа со мене за време на ова мое патување, ме поддржуваа и охрабрува. Ќе работам посветено за доброто на Општината и секако за нашинците – кусо изјави Салим за МИА.
Во општината Видор од вкупно 364 странци (податок од јануари 2025) македонската заедница е најбројна и брои 93 македонски државјани.
Салим е успешен и етаблиран геодет, вклучен во општествениот живот на Видор, Тревизо и пошироко.
На локалните избори во оваа земја, дипломираниот архитект на престижниот универзитет во Венеција, Тарик Семси, по потекло од село Коџаџик, Општина Центар Жупа, испиша историја и стана прв странец советник во Советот на Општина Венеција. Тој обезбеди место во 36-члениот општински совет, како кандидат на независната листа на новоизбраниот градоначалник, Симоне Вентурини.