ЈА ПРОБОДЕЛ СО НОЖ, ПА Ѝ ПУКАЛ ТРИПАТИ ВО ГЛАВА Професорка убиена во училишна библиотека од колега, мајката ја пронашла

Осомничениот 29-годишен заменик-директор ја повикал колешката на разговор по часовите, а неколку часа подоцна таа била пронајдена мртва во училишната библиотека.

281

Австриската јавност е потресена по бруталното убиство на 28-годишна професорка во средно училиште во местото Тауфкирхен ан дер Прам, за кое е осомничен нејзин 29-годишен колега и заменик-директор на училиштето.

Според локалните медиуми, трагедијата се случила во училишната библиотека, каде што осомничениот ја повикал професорката да остане по часовите за разговор. Истражителите веруваат дека тој најпрво ја нападнал со нож, а потоа испукал неколку куршуми кон неа.






Безживотното тело на младата жена подоцна го пронашла нејзината мајка, која дошла во училиштето откако не можела да стапи во контакт со ќерката.

Според првичните информации, осомничениот по злосторството избегал со автомобил, а подоцна бил пронајден мртов по сообраќајна несреќа. Австриските медиуми наведуваат дека се истражува можноста самиот да си го одзел животот пред возилото да удри во дрво.

Од училиштето велат дека се во шок од трагедијата. Осомничениот предавал германски јазик, историја и физичко образование, а минатата година бил назначен за заменик-директор.

Директорката на училиштето изјавила дека 29-годишникот бил ценет меѓу учениците и колегите и дека ништо не навестувало ваков развој на настаните.

Според нејзините зборови, осомничениот подолго време бил емотивно приврзан кон колешката, но таа во меѓувреме започнала нова врска. Истражителите ја разгледуваат можноста токму тоа да биде мотивот за злосторството.

Истрагата за случајот продолжува.

Поврзани содржини