📽️ МЕСИ ИСПИША НОВА ИСТОРИЈА НА МУНДИЈАЛОТ Со хет-трик го стигна недопирливиот рекорд на Клозе
Лионел Меси постигна хет-трик против Алжир, стигна до 16 гола на светските првенства и го израмни легендарниот рекорд на Мирослав Клозе.
Аргентина на убедлив начин ја почна одбраната на светската титула, откако славеше со 3:0 против Алжир, а во центарот на вниманието повторно беше легендарниот Лионел Меси.
Триесет и осумгодишниот капитен постигна хет-трик и го израмни рекордот на Германецот Мирослав Клозе како најдобар стрелец во историјата на светските првенства со вкупно 16 погодоци.
Третиот гол на Меси беше посебен и поради фактот што дојде точно две децении по неговиот прв погодок на мундијалската сцена, со што уште еднаш потврди дека еден од најголемите фудбалери во историјата продолжува да пишува рекорди и во доцните години од кариерата.
– Да уживам во ова со моето семејство, моите соиграчи, со оние кои секогаш се тука, е навистина прекрасен момент. Се чувствувам добро. Благодарен сум им на навивачите, бидејќи уште еднаш покажаа дека Аргентина е луда по ова, повторно го наполнивме стадионот – изјави Меси по натпреварот.
Освен што го израмни рекордот на Клозе, аргентинскиот ас испиша уште две значајни страници во фудбалската историја. Против Алжир го одигра својот 200. натпревар за националниот тим, а стана и првиот фудбалер кој настапил на шест светски првенства.
Со хет-трикот, Меси воедно стана и највозрасниот играч кој постигнал три гола на еден натпревар на Светско првенство.
Аргентина во следното коло ќе игра против Австрија, а Меси ќе има можност да го надмине Клозе и самостојно да стане најдобар стрелец во историјата на мундијалите.