МИЦКОСКИ ГО ОСУДИ ИНЦИДЕНТОТ ВО СКОПЈЕ Полицијата го фати сторителот за 3 часа, рече премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сторителот на пожарот пред Амбасадата на Бугарија е обезбеден и дека МВР реагирало за помалку од три часа, додека во тек е распит за утврдување на мотивите.

259

Премиерот Христијан Мицкоски го осуди инцидентот со опожарувањето на дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, истакнувајќи дека сторителот е веќе обезбеден од страна на МВР и дека во тек е негов распит.

– Мојот став е ист како оној на Владата, силно го осудуваме овој кривично-правен настан. Лицето кое е сторител е обезбедено и во моментот трае распит за да ги видиме мотивите и што придонело да се случи ова – изјави Мицкоски во гостување во централниот дневник на АЛСАТ-М.






Тој додаде дека лицето, според досегашните информации, го признало делото, а истражните органи работат на утврдување на сите околности и мотиви.

На прашањето дали станува збор за изолиран случај, премиерот рече дека не би сакал да дава дополнителни коментари додека трае истрагата, но нагласи дека институциите реагирале брзо.

– Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со бугарската страна. Лицето го обезбедивме за помалку од три часа и како институции уште еднаш покажавме дека функционираме – рече Мицкоски.

Тој додаде дека МНР веќе воспоставило контакт со бугарските институции и дека се очекуваат дополнителни информации по завршувањето на распитот.

Поврзани содржини