44-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ ГИ ОПОЖАРИ БУГАРСКИТЕ ВОЗИЛА Брза реакција на полицијата, приведен сторителот
СВР Скопје со брза реакција го идентификуваше и лиши од слобода 44-годишен скопјанец, осомничен за подметнување пожар на две возила на Амбасадата на Бугарија, при што е пронајдена и облеката што ја носел при извршување на делото.
СВР Скопје брзо го расчисти случајот со денешниот пожар на две возила на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, при што е пронајден и лишен од слобода сторителот.
Како што информираат од полицијата, веднаш по пријавата која пристигнала на 15.06.2026 во 12:13 часот, биле преземени интензивни мерки и активности за откривање на лицето кое го подметнало пожарот.
Во краток временски период, полицијата идентификувала и пронашла 44-годишен скопјанец со иницијали И.Д., за кој постои основано сомнение дека го извршил делото. Тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица.
При претрес и оперативни дејствија, полициските службеници ја пронашле и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото, што дополнително ќе биде предмет на вештачење.
Од СВР Скопје посочуваат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка.