НЕМА МЕСТО ЗА ПАНИКА, БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ Е ОТПОРЕН Славески објасни како Народната банка гo контролира oдливот на пари во странство

По актуелните наводи за прекугранични финансиски трансфери, гувернерот на Народната банка порача дека трансферот на пари во странство не значи автоматски сомнителна активност. Тврди дека банките се под постојан надзор, а квалитетот на домашната регулатива е потврден и од Европската комисија.

0

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, уверува дека домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен, а прекуграничните трансфери на пари сами по себе не се показател за сомнителни активности. Во реакција на актуелните наводи за трансфери на финансиски средства во странство, тој порача дека клучни се природата, основата и околностите на трансакциите, како и нивната усогласеност со законите.

Славески преку објава на социјалната мрежа „X“ посочи дека Народната банка континуирано го следи работењето на сите банки, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици.






– Банкарскиот систем е стабилен и отпорен. Народната банка континуирано го следи работењето на сите банки, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици – наведува гувернерот.

Тој објаснува дека прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од современата економија. Компаниите плаќаат странски добавувачи, банките извршуваат трансакции за своите клиенти, а инвеститорите вложуваат на домашните и странските пазари. И Македонија, посочува Славески, има приливи и одливи на капитал, вклучително и преку портфолио-инвестиции во странство.

Според него, одливите на капитал од една земја треба да бидат предмет на интерес на нејзините надлежни институции, но причините за преместување на финансиските средства може да бидат различни.

– Инвеститорите го преместуваат финансискиот капитал од различни причини – во потрага по повисоки приноси, поповолна инвестициска клима или во услови на зголемена неизвесност – вели Славески.

Гувернерот нагласува дека трансферот на средства од една во друга земја не значи автоматски дека станува збор за сомнителна активност. За утврдување на евентуални неправилности, како што посочува, одлучувачки се основата и околностите под кои е извршена трансакцијата, како и почитувањето на законските прописи.

Во однос на надзорот врз банките, Славески истакнува дека домашниот банкарски систем е под постојана супервизија на Народната банка. Контролата се спроведува преку вонтеренско следење на работењето на банките и редовни теренски контроли, а институцијата соработува и со домашни и со странски супервизорски органи.

Тој се осврнува и на оценките што Македонија и Народната банка ги добиле од релевантните меѓународни институции во областа на спречувањето перење пари и финансирање тероризам.

Според Славески, земјата и централната банка имаат високи оценки во спроведувањето на регулативата од оваа област, поради што, како што вели, имаат силен интерес да го зачуваат досега постигнатото.

– Ние сме многу повеќе заинтересирани за зачувување на постигнатото отколку кој било душегрижник што повеќе се грижи за интересите на друга, отколку на сопствената држава – рече гувернерот.

Како дополнителна потврда за квалитетот на супервизијата, тој ја посочува и одлуката на Европската комисија од 2021 година, со која домашната регулаторна и супервизорска рамка била оценета како еквивалентна на рамката на Европската Унија.

Славески порачува дека довербата во банкарскиот систем треба да се гради врз проверени информации и факти, а не врз непотврдени тврдења.

– Народната банка ја следи состојбата и презема мерки во рамките на своите надлежности за зачувување на стабилноста на банкарскиот систем, како еден од клучните столбови на економската стабилност – истакна гувернерот.

Славески уверува дека централната банка ја следи состојбата и ги користи своите супервизорски механизми за да ја одржи стабилноста на финансискиот систем.

Поврзани содржини