ИРАН ПОТВРДИ ДЕКА Е ФИНАЛИЗИРАН ДОГОВОРОТ СО САД Го одобрил и врховниот верски лидер Моџтаба Хамнеи

Договорот предвидува итен прекин на борбените дејства на сите фронтови, вклучително и во Либан, и итно и целосно укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа.

274

Врховниот совет за национална сигурност на Иран објави денеска дека го финализирал договорот со Соединетите Американски Држави, со одобрение на врховниот лидер на земјата Моџтаба Хамнеи, јави ДПА.

Соопштението на Советот со ваква содржина денеска беше објавено од страна на иранската новинска агенција „Тасним“. Преговорите завршија вчеравечер, прецизираа од Советот.






Според соопштението, рамковниот договор предвидува итен прекин на борбените дејства на сите фронтови, вклучително и во Либан. Документот, исто така, повикува на итно и целосно укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа.

Заменик-министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, изјави дека обврските на Иран според договорот ќе стапат во сила дури по официјалното потпишување на документот во петок.

Врховниот совет за национална сигурност на Иран е највисокиот орган за носење управни одлуки во државата и е подреден единствено на иранскиот врховен лидер.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во одделни телефонски разговори со своите колеги од Турција, Ирак и Египет истакна дека израелските напади врз Либан мора целосно да запрат и дека САД ја носат одговорноста за спроведување на рамковниот договор за прекин на војната. Ова беше објавено на официјалниот канал на Арагчи на платформата Телеграм.

Поврзани содржини