КАКВИ „АРГУМЕНТИ“ ИЗНЕСОА „EКО-АКТИВИСТИТЕ“ НАСПРОТИ МАНУ Власта ќе ги селела граѓаните за да нема кој да се буни против рудниците, ветер ќе носел динамитен прав од Паланка до Гевгелија?!

Премиерот Мицкоски неодамна рече дека дека ќе се појават структури кои ќе бараат затворање на рудниците за да добијат грант повеќе и да ја кодошат Владата, но порача дека ќе наидат на тврд орев и дека Владата нема да се повлече од намерата за отворање рудници.

83

Решени ли се еко активистите да ја држат во заложништво македонската економија? Тие велат дека нема да дозволат отворање на ниту еден нов рудник и ги прашаа премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Сашко Митовски дали гарантирале со нивниот живот, имот или финансии дека рудниците ќе ги запазувале еколошките стандарди. Ставовите ги споделија во емисијата „Директно“ на Телма ТВ, а нивните аргументи за забраната за нови рудници во Македонија варираа – од струењето на ветерот, евентуален земјотрес, па сѐ до можноста некогаш во иднина бивши земјоделци повторно да изразеле желба да одгледуваат култури, но ќе немале каде поради рудниците. Наместо од индустрија, тие порачаа Македонија да живее од туризам.

Марина Томова од организацијата „Чејнџмејкерс“ од Гевгелија изрази загриженост за прашината од динамитот од рудник во Крива Паланка. Таа се сомнева дека целта на македонските власти е да има што поголемо иселување од земјата за да има што помал отпор за рудниците, по што оцени и дека „Александар Македонски ви се превртува во гроб“. Томова упати прашања до премиерот Мицкоски и градоначалникот Митовски за почитувањето на еколошките стандарди во инвестициите во рударството.

„Гарантирате со ваш живот, со имот, финансии? Со збор? Со што гарантирате? Еве Крива Паланка е на 119 километри воздушна линија од Гевгелија. Започнувајќи од мене, еве еден ветар да дувне – што со мојот син со кој еве од вчера одиме накај бронхопневмонија и што сме често закачени на апарати?“, праша Томова.

Според неа, кај нас не била решена проблематиката со загадувањето на постоечките рудници, а во Гевгелија ќе имало дополнителни последици од прашината од динамитот во Крива Паланка кога ќе дува ветер, на што видно збунет остана и водителот. Томова беше категорична дека воопшто нема за што да се дебатира и разговара – рудници нема да има.

„Македонија е на трусно подрачје – рудници не смее да има“, додаде Томова.

Ваквиот став на еко-активистката е во спротивност со фактот дека голем дел од рудниците се наоѓаат токму во геолошки активни зони каде има движење на тектонски плочи, вулканизам и раседи. Едни од најголемите рудници се наоѓаат во Турција, Кина и Чиле, а рудници има и во секоја од соседните земји на Македонија кои се исто така во трусно подрачје.

Понатаму, активистот од „Здрава котлина“, Горан Станишљевиќ ја покрена дилемата „зошто ни треба таа пропаст“. Според него, секој рудник е загадувач, дури и во Шведска и во Австралија, а ние сме биле премногу мала земја за олку голем број рудници, па затоа „нема да остане ништо од Македонија“.

„Дел од територијата се уништува заради јавното добро, но Македонија има премалку територија и премногу рудници, а сакаат да отворат нови… И да се исполнат сите еколошки стандарди, рудници за металични суровини не треба да се отворат! Толку!“, дециден беше Станишљевиќ.

Инаку, во Македонија во моментов постојат само четири рудници за металични суровини и нов рудник се нема отворено повеќе од 40 години.

Станишљевиќ сепак најмногу го критикуваше проектот за рудник за бакар во Иловица. Тој кажа дека земјоделските површини во Струмичко се запуштени и имаат грмушки, но забележа дека ливадите ќе биле опфатени од рудникот за бакар во Иловица и го постави прашањето „што ако земјоделците во иднина се решат повторно нешто да одгледуваат, а токму необработената земја е најплодна“. Ставот дека необработената земја е најплодна го потврди и Томова, која притоа во емисијата додаде и дека е дискриминирана што постојат субвенции за млади земјоделци до 40 години, а таа е повозрасна.

„Ние секогаш спомнуваме дека цената на бакарот расте, но не спомнуваме дека и цената на храната расте. Кога почна војната во Украина на полиците не снема бакар, туку снема масло и брашно. Значи, нас ни треба храна, ни треба воздух, ни треба вода. Сето тоа се уништува со рудниците“, изјави еко-активистот Станишљевиќ според кого особено опасно било хидројаловиштето предвидено со инвестицијата во Иловица.

Сепак, доколку од друга страна се погледне јавнообјавената Оценка за влијание врз животната средина за Иловица, инвеститорот „Еуромакс се заложува за обновување на вегетацијата на хидројаловиштето во пасишта и грмушки во фазата на затворање“.

Во емисијата учествуваше и Ѓорѓи Георгиевски од „Спас за Прилеп“, кој истакна дека останатите соговорници ги познава од речните долини, македонските ливади и врвовите од планините. Тој е уверен дека Македонија може да има економија без индустрија, а туризмот претставувал патриотизам на 21-виот век.

„Македонија може да живее од туризам… Јас работев во туризам, со туристичка агенција во туристички центар и знам дека имаме многу богат туристички пакет. Во тој туристички пакет, мајка Македонија нема само солена вода, друго има сѐ“, потенцираше Георгиевски.

Но, ако се погледне регионот, Грција убедливо води како една од најголемите туристички дестинации во Европа и туризмот учествува со 30% во државниот буџет. Овој економски показател не ги поколеба грчките власти да одобрат отворање на еден од најголемите рудници во регионот за бакар и злато на Халкидики, „Скуриес мајнс“, кој е на 125 километри воздушна линија од Гевгелија.

Ѓорѓиевски го искористи времето во емисијата да упати и апел до јавноста.

„Сакам да упатам еден апел, дека не само што нема да има рудници во Македонија, ние сме во контакт одамна, алармирани сме и работиме, не седиме“, порача еко-активистот.

Пред само три недели, кога беше актуелна финансиската поддршка од САД за геолошките истражувања за антимон во Кривопаланечко, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека ќе се појават структури кои ќе бараат затворање на рудниците, без да прецизира кои се тие.

„Кај индустриското производство имаме два предизвика. Тоа е слабата активност на дел од рудниците, иако има и такви структури во општеството коишто би сите рудници да се затворат, и оние коишто ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе, има и такви… Еве гледам реакција веднаш после стратешкиот рудник за антимон којшто е светски конкурентен, па се појавија такви некои кои веднаш критикуваат за да добијат грант повеќе и да ја кодошат оваа Влада и државата, но овојпат мислам дека на тврд орев ќе налетаат, нема да се повлекуваме, зашто тоа е иднината ако сакаме да имаме држава. Второ важно, освен рудниците, е да се стабилизира делот на производството на електричната енергија“, изјави неодамна Мицкоски.

Претстои да се видат идните потези на властите, бидејќи додека еко-активисти велат дека дискусијата е затворена и рудници нема да има, експертите од Македонската академија за науки и уметности, преку новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046 порачаа Македонија да ги користи природните минерални богатства на ефикасен начин и во хармонија со еколошките, културните и природните вредности со што ќе се овозможи и создавање на работни места.

Според Стратегијата, „Македонија не само што има ресурси во форма на руда и минерали, туку има и рамка во форма на цврста и недвосмислена еколошка законска регулатива, силна клима за иновации, но таа треба и да има и отвореност во однос на нашите геолошки ресурси, истражувањата да бидат на високо ниво и да има добро образована работна сила“. Во неа се додава дека Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти.

Поврзани содржини