НА СНИМКИ ОД НАСТАПОТ НА ДНК СЕ ГЛЕДА КАКО ПОЧНУВА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“ Газда Деко го интерсираа само пари, сведочела вработена
Обвинителот Дарко Јакимовски на денешното рочиште за катастрофалниот пожар во Кочани прикажа видеа на кои се гледа моментот на активирање на огнометот и почетокот на пожарот, како и снимки од излезот од дискотеката од надворешната страна, каде што голем број луѓе се обидуваат да излезат преку единствената врата.
Снимки од критичната вечер на 16 март 2025 година, кога избувна пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани за време на концерт на ДНК, беа прикажани на денешното рочиште во Кривичниот суд за големата трагедија во која загинаа 63 млади луѓе, а 222 беа повредени.
Обвинителот Дарко Јакимовски рече дека доказите се прибавени од социјални мрежи, медиумски објави и од видеа што ги снимиле присутни гости во дискотеката. Според Обвинителството, материјалите се релевантни за утврдување на начинот на сценски настап на групата, користењето пиротехника и за моментите непосредно пред и по избувнувањето на пожарот.
Јакимовски истакна дека видеата покажуваат дека групата ДНК имала јасно дефиниран сценски распоред, кој се повторувал на повеќе настапи, а пиротехничките средства биле користени и во затворени простори. Особено внимание беше посветено на движењето на починатиот член на групата, Мартин Атанасов-Буцо.
Обвинителот прикажа видеа на кои се гледа моментот на активирање на огнометот и почетокот на пожарот. Ги потенцирше и моментите кога се активирале прскалките, како и точната локација, на која, според видеата, почнал пожарот. Прикажа и снимки од излезот од дискотеката од надворешната страна, каде што голем број луѓе се обидуваат да излезат преку единствената врата.
Претходно беа прочитани исказите на две девојки, дадени за време на истрагата, а кои поради психичката состојба не можеа лично да сведочат пред Судот.
Во исказот на Ана Томева, која работела во „Пулс“ е наведено дека сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов-Деко имал заштита од лица во полицијата и во инспекциските служби. Според неа, редовно работел без контрола на документите и без обележани противпожарни излези.
„Пожарот го забележав откога друг присутен викна дека се запалило, по што настана паника и турканица кон единствениот излез што го знаев“, се вели во нејзиниот исказ.
Девојката опишала дека на скалите и кај главната врата се создал огромен метеж, по што била извлечена од други лица и пренесена во болница, поради вдишан чад и повреди.
Томева во Обвинителството сведочела дека работела и во кафулето „Класик“ и во дискотеката „Пулс“, без да биде пријавена, а платата ја добивала во готово.
„Парите ни ги даваше на рака. Газда беше Дејан Јованов, син му Михаил Јованов ни ги даваше инструкциите. Никогаш не одлучуваше за нешто без да го праша. Кога ќе куцневме на терминал, место фискална излегуваше сметка-испратница. Тие сметки ги чуваа келнерите. Тие ги викавме „црни пари”. Газдата Дејан Беше опседнат со пари, нè тераше да работиме сè и сешто. Хигиената во локалите беше на најниско ниво. Во „Пулс“ имаше просторија кај што се чуваше вино. Имаше пукната цевка, мирисаше лошо. Нè тераше да ја чистиме. Лице познат како Цуната беше главен дилер на дрога. Беше стално апсен, па пуштан“, кажала Ана во Обвинителството.
Кажала и дека често гледале како доаѓаат маж и жена Митеви, инспектори, мажот бил викан Глобус.
„Беа арогантни. Стоеја со Деко на шанк“, рекла таа.
Според неа, полцијата ретко им кажувала да ја исклучат музика по истекот на работното време.
„Полицијата ни велеше само да ја намалиме. Кои други го штителе, не знаеме, важно Деко секогаш знаеше кога ќе доаѓа инспекција. Кога доаѓаа, вработените се тргаа настрана, седнуваа на маса, глумеа дека се гости”, кажала таа.
Посочила и дека вработените немале никаква обука за противпожарна заштита и спасување, ниту знаеле каде се наоѓаат противпожарните апарати. Во сведочењето било наведено и дека при најавени инспекциски контроли, дел од вработените и присутните се претставувале како гости, за да се прикрие реалната состојба во локалот.
Таа во пожарот ги изгубила момчето и блиски пријатели.
Синот на Деко, Михаил Јованов реагираше на овој исказ и ја нарече изјавата неточна.
– Изгледа затоа не доаѓа да сведочи – рече тој.
Друг сведок, Лина Крстева, која често била гостин во дискотеката, изјавила дека за време на пожарот немало лица кои ги насочувале или им помагале на присутните.
„Видов еден полицаец кој само стоеше и не ни помагаше“, сведочела Крстева.
Одбаната на првообвинетиот Деко долго се противеше на намерата на ЈО да се прочитаат исказите на двата сведока, Обвинителството, пак, побара исказите да се прифатат за да се избегне дополнителна виктимизација на жртвите. Судот дозволи да се читаат исказите. За овие сведоци психијатри вештаци констатирале дека имаат психички растројства и не можат да дојдат да сведочат и да поминат низ настанот по вторпат или кога и да било. Едната од нив паднала во несвест во автобус, бидејќи повеќе не може да гледа многу луѓе на едно место, а другата, која е меѓу најтешко повредените преживеани, е половина изгорена.
На моменти, дел од адвокатите инсистираа двете девојки и во ваква ситуација да дојдат и да сведочат, што предизвика револт, гласни реакции и солзи од присутните родители.
Адвокатот Ванчо Шехтански рече дека јавноста треба да знае дека едната од нив е ќерка на обвинител од Кочани.
Судењето за трагедијата од 16 март 2025 година го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а го застапува тим од 15 јавни обвинители. Им се суди на 35 физички и за 3 правни лица за тешки дела против општата сигурност.