МАКЕДОНСКОТО РУДАРСТВО ПРЕД КОЛАПС Како може државата да помогне?

Индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во март годинава бележи пад од 6,2 % во однос на март претходната година, додека бројот на вработени во рударството во март годинава е намален за 6,9 % во однос на истиот период во 2025 година.

0

Веќе години наназад македонското рударство, и покрај големиот потенцијал, бележи континуиран пад преку учеството во индустриското производство, намалување на бројот на вработени во секторот, а со тоа и намалување на неговото учество во извозот и Бруто домашниот производ.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во март годинава бележи пад од 6,2 % во однос на март претходната година, додека бројот на вработени во рударството во март годинава е намален за 6,9 % во однос на истиот период во 2025 година.

Дека ситуацијата во рударството во Македонија станува сериозна и дека е неопходен стратешки пристап кон овој сектор, говорат и информациите за можни проблеми и неизвесност околу работењето на рудниците „Злетово“ и „Тораница“, кои вработуваат околу 800 лица.

Овие два рудника претставуваат значаен дел од рудниците за металични суровини кои функционираат во државата, што значи дека нивното евентуално затворање сериозно би го намалило капацитетот на македонското рударство.

Прашан за ваквите состојби, премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека државата бара начин како да го помогне овој економски значаен сектор.

– Тука имаме помала активност на рударството како сектор во првите 2-3 месеци, во првиот квартал. Се надевам дека за два-три проблематични правни субјекта ќе пронајдеме начин како државата да помогне, но и тие самите да си помогнат, со што рударството ќе го вратиме на правилниот пат – рече Мицкоски.

Според информациите од геолозите и рударските експерти, Македонија располага со руден потенцијал кој се проценува во милијарди евра, пред сè во наоѓалишта на злато, бакар, сребро и други минерали, дел од кои се наоѓаат на листата на критични суровини на Европската унија и САД. Но, засега овој потенцијал останува неискористен.

Дека Македонија треба да ги користи природните минерални богатства на ефикасен начин и во хармонија со еколошките, културните и природните вредности со што ќе се овозможи и создавање работни места, се констатира и во новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046, на која работеше Македонската академија за науки и уметности, а вклучени беа и факултети, Геолошкиот завод, Здружението на рударски инженери, геолошки друштва, како и голем број на невладини организации од областа на животната средина.

„Проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни. Ова е добредојден развој, но исто така со себе носи суштински барања“, се наведува во текстот.

Во Стратегијата на МАНУ се додава дека придонесот на рударството е изразен преку бројот на работни места кои ги креира, бидејќи обезбедува многу различни можности за работа, од оператори и техничари до геодети и професионалци за животна средина, што влијае на пораст на националниот доход (преку платите кои им ги исплаќа на своите вработени) и воедно на намалување на стапката на сиромаштија.

„Многу средини, како: Македонска Каменица, Крива Паланка, Пробиштип, Злетово, Радовиш, Новаци и други, доколку не постојат рудниците, постои голема веројатност дека одамна би биле напуштени и згаснати поради миграцијата на населението“, се истакнува во документот.

Меѓу најголемите наоѓалишта на злато и бакар во Македонија се вбројува проектот „Иловица – Штука“, каде концесиите ги поседува канадската компанија „Еуромакс Ресоурсес“. Но, во моментов овој проект е во застој, заглавен во административни и правни процедури.

Според истражувањата направени од компанијата, во „Иловица – Штука“ се проценуваат повеќе од 500 милиони тони минерализирана руда која содржи бакар и злато – две минерални суровини чии цени во моментов достигнуваат рекордни нивоа на светските берзи.

Со планирано производство од 16.000 тони бакар годишно, рудникот Иловица-Штука би можел да генерира извоз во вредност од околу 200 милиони долари годишно, зависно од движењето на светските берзански цени на бакарот.

Тоа би значело дека бакарот би можел да стане еден од позначајните извозни производи на Македонија, со директно влијание врз зголемување на извозот, подобрување на трговскиот биланс, прилив на девизи, раст на индустриското производство, како и повисоки приходи во државниот и локалните буџети.

Во услови кога глобалната побарувачка за бакар расте поради електрификацијата, обновливите извори на енергија и производството на електрични возила, вредноста на ваквиот извозен капацитет дополнително расте, не само за домашната економија, туку и за геополитичкото позиционирање на Македонија во услови на глобална трка за критични минерали.

Македонија го има и потенцијалот на рудникот за злато и бакар „Казандол“ во Валандовско, кој сè уште останува неискористен откако поради одземањето на концесиите следуваше арбитражна постапка меѓу инвеститорот и државата.

Сепак, евентуалната експлоатација на овој рудник исто така би имала значајно економско влијание врз државата и врз опстојувањето на рударството како важна економска гранка. Во ова наоѓалиште беа потврдени резерви од околу 33 милиони тони руда, а планот предвидуваше експлоатација во период од 20 години со производство на катоден бакар во вредност од околу 20 милиони евра годишно.

Поврзани содржини