ДОПРВА ЌЕ СЕ УТВРДУВА ДАЛИ Е ВОЛК ИЛИ МЕЛЕЗ Скопје ЗОО чека анализа по заловувањето во Козле
Животното што беше заловено во Козле засега не е официјално идентификувано како чист волк.
Животното што синоќа беше пронајдено во скопско Козле и пренесено во карантин во Скопје ЗОО допрва ќе биде предмет на испитувања од Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ).
Главниот зоонегувател Сашо Панчев за весникот „Вечер“ изјавил дека по физиономијата и по карактеристиките животното силно наликува на волк, но дека постои можност да станува збор и за мелез од раса куче со слични физички особини.
Портпаролката на Скопје ЗОО, Тина Мицковска, објавила дека животното било мирно, исплашено и затекнато пред згради во Козле со синџир околу вратот, што дополнително ги засили сомнежите дека претходно било чувано во домашни услови.
Од Скопје ЗОО потсетија дека чувањето диви животни како миленици е забрането и опасно.