ПО АПСЕЊЕТО НА ТАТКО Ѝ, МЕГАН МАРКЛ СЕ ОТКАЖА ОД ГОВОРОТ ВО БРИСЕЛ  „Секое дете заслужува да се чувствува безбедно“, порача принцот Хари

Меган Маркл се откажа од говорот во Европскиот парламент по апсењето на татко ѝ. Таа сепак се појави во Брисел со Хари, кој сам зборуваше за безбедноста на децата на интернет.

0

Војвотката од Сасекс се откажа од планираното обраќање на настан во Европскиот парламент, само неколку дена откако нејзиниот татко Томас Маркл беше уапсен во Флорида. Според извор близок до двојката, таа во моментов не се чувствувала емоционално доволно силна за да одржи јавен говор. Сепак, Меган отпатува во Брисел со принцот Хари и присуствуваше на настанот, на кој нејзиниот сопруг зборуваше за заштитата на децата на интернет.

Хари и Меган требаше заедно да им се обратат на присутните на отворањето на „Lost Screen Memorial“, уметничка инсталација во Европскиот парламент посветена на децата и младите кои ги загубиле животите поради штетните влијанија на социјалните мрежи. Според првичниот план, Меган требало да го најави сопругот, а потоа и самата да зборува за потребата од поддршка и заштита на најранливите деца.






Но, во пресрет на настанот, таа се повлекла од говорот. Според британските медиуми, одлуката била донесена по апсењето на нејзиниот татко и објавувањето на деталите од обвинението.

– Едноставно, во моментов не е доволно емоционално силна за да држи јавни говори – изјавил извор за „Телеграф“.

 

Двојката сепак се појавила заедно во Европскиот парламент, држејќи се за раце. Меган не одговорила на прашањата на новинарите за тоа како се чувствува.

Хари го одржал говорот, во кој не го споменал таткото на жена му кого никогаш не го запознал. Наместо тоа, зборувал за одговорноста на технолошките компании и потребата децата да бидат безбедни во дигиталниот свет.

– Секое дете заслужува да се чувствува безбедно, каде и да се наоѓа – порача принцот, обраќајќи им се и на родители кои ги загубиле своите деца поради штетите од социјалните мрежи.

Инсталацијата „Lost Screen Memorial“ се состои од 50 екрани во форма на мобилни телефони, на кои се прикажани фотографии од деца и млади луѓе чии животи завршиле поради штетни искуства на интернет. Проектот првпат беше претставен во Њујорк во 2025 година преку добротворната организација „Арчевил“, основана од Хари и Меган. Војвотката претходно ја посетила и поставката во Женева, каде што се сретнала со родители кои ги загубиле своите деца.

Настанот во Брисел се одржа во особено тежок момент за Меган. Нејзиниот 82-годишен татко беше уапсен на Флорида на 6 ноември и се соочува со федерално обвинение за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. При претресот на две складишта што ги изнајмувал во Калифорнија биле запленети околу 78 предмети.

Меган и нејзиниот татко немаат контакт уште од периодот пред нејзината венчавка со Хари во 2018 година. По објавувањето на обвинувањата, таа соопшти дека е длабоко вознемирена и дека знаела за загрижувачките наводи уште од 2018 година. Тогаш, како што откри, добила информации дека случајот се истражува. Таа претходно објасни и дека одлуката да не му дозволи на татко ѝ контакт со нејзините деца, Арчи и Лилибет, ја донела за да ги заштити.

Поврзани содржини