ТАТКОТО НА МЕГАН МАРКЛ ОДИ НА ПСИХИЈАТРИСКО ВЕШТАЧЕЊЕ Треба да се утврди дали Томас Маркл е способен да го разбере судскиот процес

Таткото на Меган Маркл е уапсен под обвинение за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Судот нареди психијатриско вештачење поради неговата возраст, здравствената состојба и проблемите со помнењето.

0

Федералниот судија во Флорида нареди независна психијатриска процена на Томас Маркл (82), таткото на војвотката Меган Маркл, откако беше уапсен под обвинение за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Судот  изразил сомнеж дали тој е психички способен да го разбере судскиот процес и да учествува во сопствената одбрана. Случајот доби меѓународни размери откако американските истражители соопштија дека во складишта што ги изнајмувал речиси две децении биле пронајдени фотографии на кои, според обвинителството, се гледа и самиот Маркл со малолетни девојчиња.

Одлуката за психијатриско вештачење ја донела судијката Линдзи Грифин по неговото прво појавување пред судот во Тампа, на Флорида, на 6 ноември. Во образложението навела дека неговата возраст, здравствената состојба и проблемите со помнењето предизвикале сомнеж дали може да ја разбере природата и последиците од судската постапка и соодветно да му помага на својот адвокат. За независната процена е назначена форензичката психијатарка д-р Ејми Геродимос, која треба да утврди дали Маркл е психички способен да му се суди. Рокот за доставување на нејзиниот извештај е 20 ноември.






Запленети експлицитни фотографии со голи малолетнички

Американското Министерство за правда соопшти дека Маркл бил уапсен на 6 ноември во Флорида и дека против него е поднесено едно федерално обвинение за поседување детска порнографија, односно материјали со сексуална злоупотреба на деца. Истрагата се однесува на две складишта во областа на Лос Анџелес, кои ги изнајмувал од 2008 година. При претресот, извршен со судски налози, агентите на ФБИ заплениле околу 78 предмети, меѓу кои дијапозитиви, филмски негативи и книги. Според обвинителскиот документ, на две од фотографиите се гледа возрасен маж, кого сведок го идентификувал како Томас Маркл, во сексуално експлицитни ситуации со голи девојчиња пред пубертет. Третата фотографија прикажувала голо девојче во соба која наликува на објект од хотелски синџир на Филипините. Во документот се опишани и други фотографии на кои Маркл наводно се гледа со деца во различни фази на соблекување.

Истрагата доби нов правец во октомври годинава, кога американските власти дознале дека едно лице дало изјава за пронајдени сомнителни материјали меѓу предметите на Маркл на Филипините. Потоа биле добиени информации за складиштата во Калифорнија. Случајот стана јавен откако неговиот син Томас Маркл Помладиот, додека го расчистувал поранешниот дом на татко му во Себу, на Филипините, тврдеше дека нашол стотици, можеби и илјадници фотографии кои зборуваат за сексуална злоупотреба на деца. Тој ги пријавил наодите кај филипинската полиција и го контактирал ФБИ. Филипинското Национално истражно биро потврди дека американските власти побарале помош во истрагата. Според нивните информации, биле испратени и податоци за материјали што наводно прикажуваат малолетници во сексуално експлоататорски ситуации. Истрагата опфаќа повеќе земји, а ФБИ соработувал и со своите служби во Манила и други меѓународни партнери.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by CNN (@cnn)

Меган Маркл со години нема близок однос со татко ѝ

Случајот е особено тежок за Меган Маркл, која со години нема близок однос со татко си. Кога првпат се појавија обвинувањата за пронајдените материјали на Филипините, таа јавно соопшти дека е длабоко вознемирена и дека нејзините мисли се со сите деца што можеби биле повредени. Во истата изјава откри и дека уште во 2018 година била испратена загрижувачка пријава до специјалната единица на лондонската Метрополитен полиција, со наводи против нејзиниот татко. Таа рече дека добила уверување дека случајот се истражува. Меган нагласи дека нејзината одлука да се дистанцира од татко си и да не му дозволи контакт со нејзините деца, принцот Арчи и принцезата Лилибет, била донесена за да ги заштити.

Томас Маркл претходно категорично ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги лаги и велејќи дека е шокиран и повреден од постапките на синот. По неговото апсење, тој не се изјаснил за вината, а на првото судско рочиште не бил поднесен формален одговор на обвинението. Судијата му дозволил да биде ослободен со лична гаранција, но под строги услови – домашен притвор и електронско следење. Додека истрагата и судската постапка продолжуваат, доколку биде прогласен за виновен, за единственото обвинение со кое се соочува му се заканува максимална казна од 20 години затвор.

 

Поврзани содржини