СÈ ПОГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ ВО СЕМЕЈСТВОТО НА МЕГАН МАРКЛ По таткото на војвотката од Сасекс, полицијата го проверува и нејзиниот полубрат

По истрагата против таткото на Меган Маркл, филипинската полиција го проверува и нејзиниот полубрат по наводи дека малолетни девојчиња биле носени во неговиот дом.

0

Откако филипинската полиција започна истрага против таткото на војвотката од Сасекс,  Томас Маркл, поради сомневања за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца, сега вниманието на истражителите се насочува и кон нејзиниот полубрат, Томас Маркл Помладиот.

Филипинскиот министер за внатрешни работи, Хуанито Виктор Ремуља, потврдил дека полицијата ги проверува наводите според кои малолетни девојчиња биле носени во домот на Томас Помладиот. Тој засега е означен како лице од интерес за истрагата, а не како осомничен. Информацијата била соопштена во четвртокот во Манила, додека истрагата против нивниот татко продолжува.






Случајот започна минатиот месец, кога Томас Помладиот тврдел дека во домот на својот татко во градот Себу, на Филипините, нашол голем број вознемирувачки фотографии и видеоснимки со сексуална злоупотреба на деца. Според неговите тврдења, материјалите биле складирани во четири големи кутии, а дел од нив се наоѓале и на електронски уреди. Тој го пријавил откритието кај локалната полиција, но и кај американските власти.

На 29 октомври полицијата добила судска дозвола за проверка на компјутерите, телефоните и другите уреди пронајдени во домот на Томас Постариот. Филипинските истражители потврдиле дека пронашле материјали што се предмет на истрага, но сè уште утврдуваат дали уредите му припаѓале на Томас Маркл и дали тој се појавува на спорните снимки. Тој досега не е формално обвинет.

Таткото ги отфрла обвинувањата, семејството поделено

Томас Маркл категорично ги отфрли тврдењата на својот син, нарекувајќи ги лаги и обвинувајќи го дека се обидува да го уништи. Од друга страна, Томас Помладиот изјави дека бил згрозен од она што го нашол и дека немал друг избор освен да го пријави сопствениот татко.

Неговата полусестра Саманта, пак, застана на страната на татко им и остро го критикуваше Томас Помладиот. Таа тврди дека обвинувањата немаат основа и дека брат ѝ ги измислил за да дојде до пари. Нејзиниот партнер, исто така, ги отфрлил тврдењата и го обвинил Томас Помладиот дека и претходно го изневерувал татко им.

Меган: Се оддалечив од татко ми за да ги заштитам децата

Меган Маркл веќе се огласи во врска со истрагата против својот татко, изразувајќи длабока вознемиреност поради информациите што излегоа во јавноста. Таа откри дека уште во 2018 година добила писмо со вознемирувачки наводи за својот татко, за кои тогаш ѝ било ветено дека ќе бидат истражени.

– Се надевам дека сега е јасно дека, и покрај искривувањето на фактите во некои медиумски написи низ годините, моето оддалечување од татко ми и одлуката да не му дозволам контакт со нашите деца произлегоа од една причина – за да ги заштитам – порача војвотката од Сасекс.

Таа додаде дека мислите ѝ се со сите деца кои можеби претрпеле штета и дека се надева оти правдата ќе биде целосно задоволена.

Во меѓувреме, истрагата добива и меѓународни размери. Во неа се вклучени филипинските власти, а американскиот ФБИ соработува со локалните истражители. Се проверуваат и информации за материјали пронајдени во складиште во Мексико поврзано со Томас Маркл.

Семејството на Меган, со кое таа одамна нема блиски односи, сега се соочува со сериозни обвинувања и истраги во повеќе земји. Сепак, засега нема правосилно утврдена вина, ниту формално обвинение против нејзиниот татко или полубрат.

Поврзани содржини