АРНОЛД ШВАРЦЕНЕГЕР Е НОВИОТ ДЕДО МРАЗ Во Виена ќе почне потрага по три скриени торби со подароци, како дел од еколошката кампања на славниот актер
Под мотото „Најди ја торбата на Арнолд!“, на три различни локации во австриската престолнина ќе бидат скриени торби со производи од колекцијата „Pump for the Planet“. Акцијата е дел од еколошката кампања, а идејата е инспирирана од неговиот нов филм „The Man with the Bag“, во кој Шварценегер го игра Дедо Мраз.
Арнолд Шварценегер ги повикува жителите и посетителите на Виена да ги откријат местата на кои ќе бидат скриени торби полни со производи од неговата колекција „Pump for the Planet“. Ова е дел од еколошката акција на актерот која ќе се одвива под мотото „Најди ја торбата на Арнолд!“, на три различни локации во австриската престолнина. Меѓу подароците во торбите се дуксери, маици и други изненадувања, а некои од производите носат духовити натписи поврзани со Шварценегер и неговата филмска кариера. Така, на дуксерите пишува „You Can Call Me Schnitzel“, додека платнените торби го носат натписот „I’ll be bag“ – игра на зборови со неговата позната филмска реплика „I’ll be back“.
Првата насока за откривање на едно од скривалиштата ќе биде објавена на 18 ноември во бесплатниот електронски билтен на кампањата „Pump for the Planet“. Заинтересираните ќе можат да се пријават за да ги добиваат известувањата, а дополнителните траги ќе бидат објавувани во текот на следните недели. Организаторите најавуваат дека потрагата треба да донесе забава, но и да привлече внимание кон заштитата на животната средина и климатските промени.
View this post on Instagram
– Арнолд отсекогаш имал талент да ги поврзува сериозните теми со добра доза хумор. Токму таа идеја ја пренесуваме и во нашата потрага. Не сакаме само да понудиме забава и возбуда, туку на пристапен начин да ја подигнеме свеста за заштитата на животната средина и климата – изјави Моника Ленгталер, директорка на „Schwarzenegger Climate Initiative“.
Ова не е првпат Шварценегер да организира ваква акција во својот роден крај. Минатата пролет, исто така во Виена, неговата иницијатива организираше четиринеделна потрага по четири специјално изработени колекционерски картички со неговиот лик. Трагите се објавуваа секоја недела во билтенот, а секоја пронајдена картичка носеше и можност за посебно доживување – присуство на десеттиот „Austrian World Summit“, климатската конференција што Шварценегер ја организираше на 16 јуни во Виена. Последната картичка беше посебна затоа што беше лично потпишана од него.
Новата потрага е поврзана и со неговиот филм „The Man with the Bag“, кој на 2 декември ќе пристигне на платформата „Prime Video“. Во него, ѕвездата од „Терминатор“ ја презема улогата на Дедо Мраз, чија магична торба со подароци е украдена. За да ја врати и да го спаси Божик, тој се здружува со мајстор-крадец, кого го игра Алан Ричсон, познат по серијата „Ричер“.