📽️ ЧЕТИРИ ЧАСА РАЗГОВАРАЛЕ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА, НО ЗАСЕГА НЕМА ДОГОВОР Рубио најави можност за вклучување и на европските земји

Првата рунда разговори во Абу Даби траеше четири часа, а американскиот државен секретар Марко Рубио ги оцени како „многу продуктивни“. Украинската и руската делегација утре повторно ќе седнат на преговарачката маса.

6

Првиот ден од разговорите меѓу Русија, Украина и САД во Абу Даби заврши по четири часа, објави „Гардијан“. Преговорите ќе продолжат утре наутро, на 11 ноември, соопшти украинската Служба за надворешно разузнавање.

Украинската делегација во рамките на својата мисија одржала и дополнителни средби со претставници на НАТО и европските земји.






Засега нема објавени информации за резултатите од првиот ден од разговорите, пренесува „Укринформ“.

Средбата почнала во 12:12 часот по локално време и била прекината со една пократка пауза.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека разговорите биле „многу продуктивни“, но дека сè уште има многу работа. „Ројтерс“ објави дека Рубио рекол и оти целта е во одреден момент да се прошират трилатералните разговори, за да се вклучат и други европски гласови.

Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Џаред Кушнер, најави дека на разговорите нема да се разговара само за завршување на конфликтот, туку и за идната безбедносна архитектура на Европа.

 

Меѓу клучните приоритети на преговорите се прекинот на непријателствата, сигурните безбедносни гаранции за периодот по војната, економската обнова и развојот на Украина, како и хуманитарните прашања.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска одби да ги коментира деталите од трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина во Абу Даби. Тој ги повика учесниците да не изнесуваат предвидувања додека разговорите сè уште траат.

На прашањето дали обновувањето на пловидбата во Црното и Азовското Море е една од темите на преговорите, Песков одговори дека за деталите ќе се разговара само на преговарачката маса, пренесе „Спутник“.

На прашањето дали Москва очекува конкретни договори по првата рунда преговори, рече дека засега не сака да одговори.

Трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина се одржуваат во Абу Даби денеска и утре. Средбите се одвиваат зад затворени врати.

На почетокот на разговорите, шефот на руската делегација, Владимир Медински, изрази надеж дека денешната средба ќе овозможи напредок на патот кон мирот.

Кој ги претставува Украина, Русија и САД?

 

Пред почетокот на преговорите, украинската делегација одржала средба со претставници на Европската Унија и САД.

Украина ја претставуваат:

Рустем Умеров, шеф на Службата за надворешно разузнавање на Украина;

Кирило Буданов, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски;

Давид Арахамија, претседател на партијата „Слуга на народот“;

Вадим Скибицки, заменик-началник на Главната разузнавачка управа при Министерството за одбрана.

Руската делегација ја предводи:

Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин;

Сергеј Рјабков, заменик-министер за надворешни работи;

Михаил Галузин, заменик-министер за надворешни работи;

Игор Костјуков, началник на Главната управа на Генералштабот на руските вооружени сили;

Јуриј Жигарловски, заменик на Костјуков.

Американската страна ја претставуваат:

Џаред Кушнер, специјален пратеник на САД и зет на Доналд Трамп;

Стив Виткоф, специјален пратеник на САД.

Поврзани содржини