ГОЛЕМА АКЦИЈА НА БИТ-ПАЗАР, ГИ СНEMA ДИВИТЕ ТЕЗГИ Одземени 500 килограми храна, АХВ најави казни
Акцијата предизвика и голем сообраќаен метеж на булеварот Крсте Петков Мисирков, каде што беа распоредени повеќе полициски возила, пренесоа повеќе медиуми.
Дивите продавачи кои секој вторник и четврток поставуваа импровизирани тезги околу Бит-пазар утрово ги немаше. На нивно место беа полицијата и инспекторите кои спроведоа координирана акција за расчистување на просторот.
СВР Скопје потврди дека заедно со Град Скопје се преземаат мерки за отстранување на нелегалните препродавачи. Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека се одземени околу 500 килограми храна.
Поголем број полициски автомобили беа распоредени долж булеварот Крсте Петков Мисирков, поради што сообраќајот беше отежнат, а метежот се прелеа и на околните улици.
Во акцијата учествувале инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство, комуналните инспектори на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и припадници на МВР.
„Отстранети се сите диви тезги, повеќето со овошје и зеленчук“, соопшти АХВ.
Отстранета била и целата опрема за продажба што била поставена на пешачките и велосипедските патеки.
Од АХВ најавија дека расчистувањето на тезгите нема да биде единствената мерка против затекнатите продавачи.
„Во координација со комуналните инспектори на Град Скопје на сторителите ќе им бидат изречени соодветни прекршочни мерки“, соопшти Агенцијата.
Освен овошје и зеленчук, на импровизирани тезги се продаваат и облека и други производи. Дел од продавачите ги поставувале производите и на просторот кај автобуските постојки.
АХВ информираше и за одделна акција спроведена еден ден претходно во Гостиварско. Во соработка со СВР Гостивар, ветеринарни инспектори на приватен имот во селото Чајле заплениле 150 килограми месо со изминат рок, без декларација и со непознато потекло.
Месото било однесено на депонијата Русино, каде што било нештетно уништено.