74 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Алиу најави целосна трансформација

Со инвестиција од 4,56 милијарди денари, Клиничката болница во Тетово ќе добие целосна реконструкција, нови објекти и современа медицинска опрема.

67

Министерот за здравство Азир Алиу најави целосна трансформација на Клиничката болница во Тетово, со инвестиција вредна 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра.

Како што соопшти Алиу преку објава на Фејсбук, станува збор за стратешки проект со кој болницата ќе биде реконструирана, модернизирана и функционално реорганизирана.

Според него, проектот има за цел трајно да го промени начинот на обезбедување здравствени услуги во Полошкиот регион.

Тој посочи дека реализацијата ќе се одвива според најдобрите меѓународни практики, преку комбинација на државни средства и финансии од меѓународни институции, поставени на одржлив и долгорочен модел.

Со проектот е предвидена целосна реконструкција и модернизација на постојните објекти, набавка на современа медицинска опрема, како и нивно функционално поврзување со т.н. топли коридори, со цел побезбедно и поефикасно движење на пациентите и медицинскиот персонал. Планирана е и изградба на две нови современи згради.

– Од раздвоени и амортизирани објекти одиме кон интегриран, функционален систем подготвен за иднината. Од систем што доцни, кон систем што реагира навреме – истакнува Алиу.

Министерот нагласува дека инвестицијата ќе овозможи создавање современа регионална здравствена установа, каде граѓаните ќе добиваат квалитетна услуга побрзо и поблиску до местото на живеење.

Дополнително, проектот има и образовна компонента. Во соработка со Универзитетот во Тетово, студентите и професорите по медицина ќе добијат подобри услови за практична обука и работа според современи стандарди.

– Овие проекти се витални за здравствениот систем и ние што ги реализираме, со право ќе се гордееме со нив цел живот. Затоа што не градиме само ѕидови. Градиме стандарди. Градиме достоинство. Градиме иднина за здравството во нашата земја – вели министерот.

Поврзани содржини