ПРИМИЛЕ ПОВИК ЗА ПОВРЕДЕН ЧОВЕК, НО НЕ ИСПРАТИЛЕ ЕКИПА Кривична пријава против двајца вработени во тетовската Итна помош
СВР Тетово поднесе кривична пријава против двајца вработени во Итната медицинска помош поради сомнение дека не била испратена екипа кај повредено лице во Доброште.
Две лица вработени во Итната медицинска помош во Тетово се соочуваат со кривична пријава поради сомнение за неукажување медицинска помош. Според полицијата, едната од пријавените примила телефонски повик за повредено лице во тетовското село Доброште, но не испратила медицинска екипа.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.В. (35) и И.М. (51), двајцата од Тетово и вработени во Итната медицинска помош при ЈЗУ Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неукажување медицинска помош“.
Според пријавата, на 29 јуни 2026 година, првопријавената примила телефонска пријава за повредено лице во селото Доброште, но не испратила екипа за да му укаже медицинска помош.
За случајот, како што наведува полицијата, таа го известила и второпријавениот, кој во тоа време бил раководител.
Од полицијата не откриваат повеќе детали за состојбата на повреденото лице, ниту дали и какви последици имало поради неизлегувањето на медицинската екипа.