МАСОВНИ ВОЕНИ ВЕЖБИ КРАЈ РУСКАТА ГРАНИЦА Над 19.000 војници во акција во Финска

Во Финска започнаа големи воени вежби со учество на околу 19.000 војници од десет земји, во близина на руската граница.

0

Во Финска денеска започнуваат артилериските воени вежби „Северен удар 26“, кои се одржуваат недалеку од границата со Русија. Вежбите се дел од поширок циклус маневри што ќе траат до крајот на мај, а во нив учествуваат сојузнички сили од десет земји.

Маневрите се изведуваат на полигонот Вуосанка, во општината Кухмо, на околу 70 километри од руската граница, и ќе траат до 12 мај.

Според Одбранбените сили на Финска, за време на вежбите ќе се изведуваат артилериски и минофрлачки гаѓања, како и тактички борбени операции.

Паралелно ќе се одржуваат и други воени активности, со цел да се зајакнат одбранбените капацитети на земјата, обуката на регрутите и координацијата со сојузничките армии. Во текот на пролетните маневри ќе учествуваат околу 19.000 војници од Финска, Естонија, Литванија, Норвешка, Франција, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Италија, Унгарија и Полска.

Пролетната серија вежби започна со механизираната операција „Моќна стрела 26“, која се одржува на полигонот Похјанкангас во Нинисало од 24 април до 5 мај. Во неа учествуваат околу 2.800 војници, претежно регрути, како и околу 350 меѓународни припадници, со вкупно речиси 500 возила, меѓу кои околу 160 тенкови и оклопни возила. Покрај финските сили, учествуваат и контингенти од Естонија и Литванија, а годинава во вежбата се користат и различни типови дронови.

Дополнително, меѓународната вежба за противвоздушна одбрана „Малет Страјк 1/26“ ќе се одржи на полигонот Лохтаја од 12 до 21 мај. Во неа ќе учествуваат единици на финската копнена војска, морнарица и воздухопловство, како и сојузнички сили од Норвешка.

Според финските власти, ова ќе биде една од клучните вежби за унапредување на противвоздушната одбрана и зајакнување на заедничкото дејствување со партнерите.

Поврзани содржини