„ЈА ОСАКАТИВМЕ ЕДИНИЦАТА НА КАДИРОВ“ Тајна операција на Украинците која траела со месеци

Во акцијата учествувале украински специјални сили, припадници на т.н. Слободна Ичкерија – чеченска група што се спротивставува на руската власт, и војува на страната на Украина.

386

Украинската воена разузнавачка служба (ХУР) соопшти дека во повеќемесечна тајна операција во Сумската област ѝ нанела тежок пораз на единицата „Ахмат“, поврзана со чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.

Според соопштението, операцијата траела од февруари до април годинава и резултирала со значителни загуби за руската страна – 41 загинат, 87 ранети и над 100 исчезнати борци. Украинските власти наведуваат дека ова се најтешките загуби на единицата од почетокот на руската инвазија, иако бројките не можат независно да се потврдат.

Во акцијата учествувале украински специјални сили, припадници на т.н. Слободна Ичкерија – чеченска група што се спротивставува на руската власт, како и единици на Територијалната одбрана. Клучна улога, според ХУР, имал и внатрешен извор во редовите на „Ахмат“, кој подолг период доставувал чувствителни информации.

Украинската служба тврди дека преку овој инсajдер биле прибрани важни разузнавачки податоци, вклучително и поставување уреди за прислушување во простории за состаноци со помош на FPV дрон.

Во пресретнатите разговори, командантот на единицата Апти Алаудинов, наводно признал сериозни слабости во своите сили, вклучително и недоволна обученост на артилериските и тенковските екипажи, како и ниска борбена подготвеност.

Од ХУР додаваат дека врз основа на собраните информации биле изведени прецизни напади врз позициите на „Ахмат“, при што била уништена значителна воена опрема – оклопни возила, беспилотни летала, комуникациски системи и складишта за гориво и муниција.

Во меѓувреме, командантот на чеченските доброволци на украинска страна, Абдул Хаким, упати повик до Чеченците да не се приклучуваат на руската армија, а оние кои веќе се мобилизирани да се предадат и да стапат во контакт со украинските служби.

„Што ви имаат направено Украинците? Преминете на нашата страна“, порача тој во видео-апел објавен од украинската разузнавачка служба.

Поврзани содржини